Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска е во Ерусалим на церемонијата „преземање на Благодатниот оган во Ерусалим” за Велигден. Покрај Спасовски, во владино-црковната делегација е и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Како што соопштија од Владата, секоја година на Велика Сабота во Ерусалим има претставници од повеќе држави кои со владини и црковни почести, го пренесуваат светиот оган во своите земји.
„Ова е историски чин кој се случува веднаш по воведувањето во канонско единство и признавање на нашата света црква, ова е прва година во којашто директно од Храмот со благослов на Патријархот Ерусалимски, ќе можеме да го преземеме огнот и да го однесеме во Македонија. Секако дека е ова значајно за верата, значајно е за државата, за нашите граѓани, значајно е за нашата црква која веќе се вбројува во големото православно семејство“, изјави Спасовски.
Костадиновска-Стојчевска кажа дека со Израел досега имаме плодна соработка, не само на полето на културата, туку на полето на образованието, и се надева дека таа соработка и понатаму ќе продолжи.
Делегацијата со Благодатниот оган треба да се врати на Скопскиот аеродром вечерва во 20 часот.