ОПЕРАТОРИТЕ ЌЕ ПРЕКИНАТ СО РЕЕМИТУВАЊЕ НА ДОМАШНИТЕ И СТРАНСКИТЕ ТВ КАНАЛИ, ОСВЕН МРТВ

    ОПЕРАТОРИТЕ ЌЕ ПРЕКИНАТ СО РЕЕМИТУВАЊЕ НА ДОМАШНИТЕ И СТРАНСКИТЕ ТВ КАНАЛИ, ОСВЕН МРТВОператорите најавија дека корисниците на ТВ услугите нема да плаќаат додека трае прекинот. - Од емисијата „Витраж“ на МРТВ

    Здружението на информатичко-комуникациски технологии, во кое членуваат сите опeратори, одлучи да прекине со реемитување на сите домашни и странски ТВ канали, освен каналите на јавниот сервис МРТВ. Ваквата одлука, велат од Здружението на информатичко-комуникациски технологии, се должи на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), што Собранието ги донесе на 16 февруари, непосредно пред да се распушти, по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа. Операторите велат дека со законските измени им се наметнува да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и може за да сносат материјална и кривична одговорност.

    „Причината за ваквиот чекор се законските измени со кои на операторите им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност. Ваквата обврска дефинирана со Законот е спротивна на ЕУ-Директивите и на сите основни принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ, за што Здружението има добиено и писмено мислење од страна на Делегацијата на ЕУ во земјава. Истовремено, ваквата законска обврска за операторите претставува состојба на виша сила и е неприменлива затоа што операторите кои реемитуваат програма не можат да имаат ниту контрола, ниту одговорност за тоа дали се регулирани авторските права за сите поединечни програми што ги создаваат и емитуваат телевизиите. Здружението на информатичко-комуникациски технологии поднесе барање до Уставниот суд за донесување на времена мерка со која ќе се одложи неговата примена, заради неуставност“, велат операторите.

    Операторите додаваат дека се заинтересирани и подготвени, како и до сега, да го вложат целиот свој капацитет и знаење, во изнаоѓање на прифатливо решение во најкраток рок, со што би се избегнале натамошните штети и би се заштитиле корисниците на услуги и целата јавност.

    „Одлуката за прекин на реемитувањето на телевизиските канали ќе биде на сила сè додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение со кое ќе се стават вон сила спорните законски одредби“, велат операторите и најавуваат дека корисниците на ТВ услугите нема да плаќаат додека трае прекинот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира