Државниот ревизор во контрола на работата на Општина Арачиново за 2021 констатирал дека не се плаќаат даноци, ни комунална такса што се плаќа при регистрација на возила, ниту комунална такса за јавно осветлување. Општината има приходи од издадени одобренија за градба само во 5,38 отсто или само 34.000 денари од планираните 623.000 денари, стои во последниот извештај на Државниот ревизор за општина Арачиново.
Од општината со најслаби приходи, во 2021 година биле исплатени надоместоци во износ од околу 30.000 евра на сите членови во Советот во Општина Арачиново. Нема докази дека имало одржана седница за оваа одлука. Парите се дадени без никакви докази за одржани седници и присуство на сите советници.
Таа година биле потрошени околу 10.000 евра за ручеци и коктели. На општинска сметка, се точело гориво од неовластени лица, констатира Ревизорот.
Советот на Општина Арачиново му отпишал долг на еден од двајцата градоначалници од над 3.000 евра, пари што ги зел како аванс од Општината.
„Со извршениот увид во сметководствена евиденција и старосната структура на побарувањата кои на ден 31.12.2021 година изнесуваат 4.769.000 денари, ревизијата констатира дека Општина Арачиново има искажано побарувања по основ на данок на имот (физички и правни лица) во износ од 1.541.000 денари кои претставуваат (32,31%) од вкупните побарувања и комунална такса за истакнување на фирма во износ од 3.228 илјади денари, кои претставуваат (67,69%) од вкупните побарувања. Состојбата е преземена од УЈП во 2005 година, а општината нема воспоставено сопствена даночна евиденција ниту аналитичка евиденција за физички и правни лица. Имајќи предвид дека побарувањата потекнуваат од минати години, а општината нема соодветна поткрепувачка документација, нема преземено мерки за наплата и не е утврден основот за нивното постоење, согласно член 85 од Законот за даноците на имот, каде апсолутниот рок на застареност е 10 години. Тие се застарени и не постои можност за нивна наплата“, констатирано е во извештајот за Арачиново.
Според мислењето на Државниот завод за ревизија (ДЗР), поради значењето на прашањата изнесени во точката Финансиски извештаи, тие не се прикажани вистинито и објективно, од сите аспекти, во согласност со важечката законска регулатива.
„Наплатата на комуналната такса за користење на улиците со патнички, товарни моторни возила, автобуси и специјални возила – тарифен број 9 согласно Законот за комуналните такси, пропишано е да ја вршат правни лица овластени за вршење на регистрација на возилата и да ја уплатуваат на соодветната уплатна сметка во рамки на трезорската сметка на Општината. Во постојното законско решение не е пропишано во кои рокови правните лица треба да ја уплатат наплатената такса на сметка на Општината, да ја известуваат општината за бројот на регистрираните возила во зависност од кубикажата и за месечниот износ на прибраните средства поединечно и кумулативно. Со постојните законски одредби не е воспоставен систем кој би обезбедил точни податоци на регистрирани возила по работна зафатнина и намена, а од друга страна општините немаат законска можност да се уверат во точноста и вистинитоста на уплатените средства и комплетноста на приходите по овој основ. Ефект од оваа состојба е нецелосен увид во наплатата и потврдувањето на приходот за општината по тој основ“, заклучува ДЗР дека Арачиново нема увид за овој приход.
- АРАЧИНОВО ЌЕ ДОБИЕ ОД ДРЖАВНИОТ БУЏЕТ ЕДЕН МИЛИОН ЕВРА ЗА САНИРАЊЕ НА КАНАЛ ЗА ОТПАДНИ ВОДИ
- ВЛАДАТА ГО ПОМОГНА АРАЧИНОВО СО ПОЛА МИЛИОН ЕВРА ЗА ПОТЕШКОТИИ ВО РАБОТЕЊЕТО ПОРАДИ КОВИД
- ТРЕБА ДА СЕ СТАВИ РЕД И ПОРЕДОК ВО АРАЧИНОВО, ИМА ИЗРАЗИ НА НАСИЛСТВО КОГА ТРЕБА ДА СЕ НАПЛАТИ ДАНОК НА ИМОТ, ВЕЛИ ЗАЕВ
С. К. ДЕЛЕВСКА