Општина Охрид денес ја започна најавената акцијата за уривање на дивоизградени објект, во согласност со законските процедури и Акцискиот план за постапување по препораките од последниот состанок на Комитетот за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО, соопшти општината. Прв срушен објект е куќа во фаза на карабина на улицата Марко Несторовски, за која од општината велат дека е дивоизграден објект во сопственост на физичко лице. Според планот на Општина Охрид, во акцијата за уривање, паралелно ќе бидат отстранувани дивоизградени објекти кои што се во тек на израдба и оние дивоградби кои се опфатени со регистарот на дивоизградени објекти, кои се изградени во периодот од 2006 до 2019 година.
„На почетокот, ќе се отстрануваат објекти кај кои не постојат правни пречки и акцијата за уривање ќе ги опфати сите физички или правни лица кои имаат добиено Решение за отстранување на бесправно изграден објект/градба и истите не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при Инспекторатот на општина Охрид. Во рамки на акцијата, денес се спроведува отстранување на дивоизграден објект на улицата Марко Нестороски број 144, во согласност со Решението за отстранување ИП-1 бр. 36-843 од 13.09.2019 година и Заклучокот за дозвола за извршување ИП-1 бр. 36-843 од 19.09.2019 година. Се работи за дивоизграден објект во сопственост на физичко лице, кој е во фаза на карабина. Димензиите на објектот, врз основа на направениот записник се 10,45 метри на 12,50 метри во вкупна бруто површина од 130, 6 м2. Предметниот објект е лоциран на КП 10426/1 КО Охрид 2 и се градеше без одобрение за градење“, соопштија од Општина Охрид.
- ОХРИД ДО ФЕВРУАРИ ТРЕБА ДА ГИ УРНЕ ДИВОГРАДБИТЕ, ИНАКУ ЌЕ БИДЕ СТАВЕН НА ЛИСТАТА НА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТ
- НЕМА ВЕЌЕ МОЛЕЊЕ, САМИ ДА СИ ГИ УРНЕТЕ ДИВОГРАДБИТЕ, ИМ РЕЧЕ ОХРИДСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СОПСТВЕНИЦИТЕ
Општина Охрид уште еднаш ги повика сопствениците на дивоизградени објекти, да постапат согласно добиените решенија за отстранување на градбите. Во спротивно, отстранувањето ќе го изврши општината, а трошоците за отстранување, ќе ги сносат лицата кои се задолжени во решенијата.