ОПШТИНИТЕ И ДРЖАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ДОЛЖАТ НАД 600 МИЛИОНИ ЕВРА, ДОПРВА ЌЕ СЕ НОСИ ЗАКОН ЗА ФИНАНСИСКА ИНСПЕКЦИЈА КАКО ГИ ТРОШЕЛЕ НАРОДНИТЕ ПАРИ

    ОПШТИНИТЕ И ДРЖАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ДОЛЖАТ НАД 600 МИЛИОНИ ЕВРА, ДОПРВА ЌЕ СЕ НОСИ ЗАКОН ЗА ФИНАНСИСКА ИНСПЕКЦИЈА КАКО ГИ ТРОШЕЛЕ НАРОДНИТЕ ПАРИТетовскиот градоначалник Билал Касами во декември постави билборд со вкупниот долг на Општина Тетово, во кој се пресметани и долговите на јавните претпријатија. (Фото: СДК.МК)

    Јавни и државни претпријатија, општини, болници, училишта, каде што партиите на власт ставаат на раководни функции свои кадри, пријавиле дека имаат долгови од вкупно 617,5 милиони евра, според последните податоци од Министерството за финансии. Пријавиле доспеани долгови за 2021 година, што не ги платиле, милионски суми што ќе дојдат до последниот ден на таа фискална година, а пријавиле обврски што доспеваат оваа и следната година.

    Никој нема одговор дали овие државни субјекти се задолжувале оправдано, дали морало толку, како ги трошеле парите, дали имало злоупотреби, затоа што никој не контролира. Нема целосна контрола ни како располагаат со парите со кои централната власт ги помага општините и претпријатијата да не банкротираат.

    На листата должни јавни претпријатија, општини и државни институции прво е АД „Македонски енергетски ресурси“, фирмата што го гради гасоводот, со доспеан долг во декември од 83 милиони евра, плус најавени за до крајот на 2022 година неплатени уште 20 милиони евра, и вкупно должи 103 милиони и 400 илјади евра.

    Второ најзадолжено државно претпријатие е Македонски железници транспорт – Скопје со над 79 милиони евра долг, од кои 5,5 милиони ќе достасаат во 2022 и во 2023 година.

    Трета е Општина Тетово со над 13,6 милиони евра, а по неа ЈП Колекторски систем Скопје, па Општина Охрид, со по околу 10 милиони евра неизмирени долгови.

    ЈП Водовод Куманово е шести на скалата најзадолжени со 8,1 милион евра, па ЈП Водовод и канализација Скопје, кое има долг од над 10 милиони евра, дел најавени дека ќе доспеат годинава и во 2023 година.

    АД ЕЛЕМ има неплатени обврски од вкупно 72 милиони евра, од кои на д 50 милиони треба д доспеат годинава, а над 14 милиони евра во 2023 година. Клиниката за онкологија се задолжила со 10, 5 милиони евра, а општина Гостивар 6, 4 милиони евра. Водостопанство Скопје евидентирало долгови од 5, 7 милиони, а Јавното комунално претпријатие Тетово 5,5 милиони евра неплатени обврски. Следува ЈП Водовод Охрид со 4,9 милиони евра долг…итн.

    Според табелата, со чест на исклучоци, меѓу над илјада вакви државни и општински институции, не се добива впечаток за домаќинско трошење. Никој не знае како успеале толку да се задолжат државните и институциите на локалната самоуправа, но барем законот што се подготвува, најавува контрола како ги менаџирале парите што им ги дала државата и што ќе им ги дава во иднина за да ги спасува од презадолженост.

    На платформата ЕНЕР осамна Предлог закон за финансиска инспекција во јавен сектор, правен по европска регулатива, кој вели дека се активира финансиски инспекторат кој ќе истражува исклучиво – како институциите ги трошат буџетските пари.

    Овие инспектори не само што ќе работат по пријава и докази од граѓани, фирми и вработени (свиркачи) од институциите кои работат со средства од државниот буџет, од буџетот на општините, со пари од европските фондови, туку ќе влегуваат во контрола и по службена должност.

    Финансиските инспектори во јавниот сектор ќе имаат овластување да блокираат банкарски сметки на јавни претпријатија,општини, министерства… ако утврдат неправилности и противзаконско работење, за што ќе поднесуваат прекршочни пријави и докази до обвинителството ако најдат злоупотреби со народните пари. Обвинителството ќе биде должно на Финансиската инспекција да ѝ одговори за 5 дена.

    Бидејќи се корисници на буџетски средства, овие инспектори може да истражуваат и во самите обвинителства, во МВР, но и министерот за финансии, кој е и нивни претпоставен. Ова тело одговара пред него, а потоа и пред Владата.

    И досега постоел ваков закон (уште од 2013 година), но никогаш не се применувал. Кадрите кои биле во тимовите во обид низ годините, си заминувале, бидејќи законот немал примена. Останал само еден вработен. Од 2019 година се формира нов тим во рамки на Министерството за финансии и засега брои само 6 инспектори. За ваков финансиски инспектор за контрола на трошењето на буџетските пари, новиот закон бара цела година школување, обука и полагање за лиценца.

    Додека не се донесе новиот закон кој го бара ЕУ од Македонија, постоечкиот тим од 2019 година работи по стариот закон и веќе очекува поврат на пари во буџетот од неправилности и од незаконско трошење на државни пари што ги утврдил со шестемина инспектори.

    „Целта на овој закон е да ги заштити јавните финансиски интереси во финансиското управување со средствата на државниот буџет, буџетите на единиците на локалната самоуправа и средствата од други јавни извори како и средства на ЕУ – фондовите, со утврдување на законитоста на нивното користење во согласност со посебните прописи кои ја пропишуваат надлежноста за спроведување на финансиска инспекција“, пишува во материјалот.

    Финансиска инспекција се спроведува кај корисниците на средствата од Буџетот на Република Северна Македонија, фондовите, општините и градот Скопје, агенциите и другите институции основани со закон, јавните претпријатија, јавните установи и другите правни лица кои се во државна сопственост или сопственост на општините и градот Скопје или во кои државата или општините и градот Скопје се акционери, кај корисниците на средства на ЕУ фондовите, во непрофитните организации и другите правни и физички лица, само за делот на добиените јавни средства или гаранции.

    С. К . ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира