Премиерот Зоран Заев на прес-конференција по повод 100 дена од неговата Влада се пофали за сите социјални, позитивни и мерки за стечајци што ги реализирала за работниците и воопшто за граѓаните, а кажа и за кратењето на луксузот што го затекнал, како за премиерот, така и за целиот државен апарат.
Зборуваше за евтината струја што се враќа, за укинувањето на радиодифузната такса, за мерките за младите со кои би се застанало со одлив во странство, за 10-те милиони евра кои треба да ги добијат лозарите, овоштарите…
Заев рече дека со носењето на Законот за јазиците се затвора последното легалистичко отворено прашање од Рамковниот договор, кое треба да се реши со носење закон. За судството кажа дека до крајот на неделава ќе биде готова нацрт-стратегијата за реформи, а за обвинителството, дека тоа, ослободено од Марко Зврлевски, ќе почне нормално да функционира и брзо да ги процесира истрагите за криминал.
Заев најави дека ќе го обелодени јавно договорот за рудниците на југоистокот на Македонија и вети дека Владата нема да се откаже од здравјето и животите на граѓаните само поради тоа што во некои општини референдумот против изградбата на рудниците не успеал.
С. К. ДЕЛЕВСКА