Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека амбасадорот во Прага Сашо Тодоровски е отповикан поради неправилности, а тврди и дека неговата сопруга, професорката Мирјана Најчевска, лажно се претставувала како културен аташе на амбасадата.
Османи, кој е во Њујорк, ова го кажа на денешниот онлајн брифинг со новинарите, а набрзо потоа Најчевска му одговори на Фејсбук. Таа вели дека нејзиниот сопруг поднел оставка поради дискриминација, мобинг и основи за сомневања за сторени кривични дела од страна на Османи.
„Еден амбасадор имаме отповикан од функцијата на средината на мандатот поради констатирани нерегуларности во функционирањето и амбасадорот е вратен од својот мандат“, изјави Османи за амбасадорот во Чешка.
Најчевска, пак, вели дека Османи водел хајка против нејзиниот сопруг поради нејзините „критички настапи како професор и експерт, и заради несогласувањето на мојот сопруг како амбасадор во Прага со начинот на функционирање на министерството кое Османи го приватизираше“.
Таа додава дека нејзиниот сопруг не се согласил со барањето на Османи да го известува само него на дневна основа и во лична комуникација надвор од каналите на министерството, со заобиколување на Владата и на Претседателот на државата за случувањата во државата во која е поставен за амбасадор.
„Значи Османи ги прекрши Уставот и законите што дипломат професионалец како мојот сопруг не можеше и не си дозволи да го толерира (за што пред неколку месеци достави претставка до Владата и до Претседателот на државата). Со оглед на тоа дека никој не реагираше на наводите во дописот во кој беа посочени отворени акти на дискриминација од страна на Османи, мобинг и основи за сомневање за направени кривични дела, мојот сопруг поднесе оставка“, вели Најчевска.