ОСНОВНИОТ СУД ГИ ОДБИ БОМБИТЕ КАКО ДОКАЗИ ВО „ТЕНДЕРИ“, „ТОПЛИК“ И „ТОРТУРА“, ИАКО АПЕЛАЦИЈА ГИ ПРИФАТИ ЗА „ТРИСТА“ И „ШАМАРИ ВО ЦЕНТАР“

    ОСНОВНИОТ СУД ГИ ОДБИ БОМБИТЕ КАКО ДОКАЗИ ВО „ТЕНДЕРИ“, „ТОПЛИК“ И „ТОРТУРА“, ИАКО АПЕЛАЦИЈА ГИ ПРИФАТИ ЗА „ТРИСТА“ И „ШАМАРИ ВО ЦЕНТАР“Против одлуката на Основниот суд Скопје, СЈО има право на жалба во рок од 3 дена до Апелациониот суд Скопје. - Специјалните обвинителки Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи (Фото: СДК.МК)

    Основниот суд Скопје 1 донесе одлука да ги одбие како докази телефонските разговори од од списите на предметите на СЈО „Тендери“, „Топлик“ и „Тортура“, соопшти денеска Судот. Во случаите „Тендери“ и „Тортура“, Советот за оценка на обвинителниот акт постапил по службена должност, додека во случајот „Топлик“ и по предлог на одбраната и оценил дека доказите се прибавени на незаконит начин со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија. Против овие неправосилни решенија на Основниот суд Скопје, дозволено е право на жалба во рок од 3 дена до Апелациониот суд Скопје.

    Ваквата одлука на Основниот суд доаѓа и покрај одлуката на повисокиот Апелационен суд Скопје, кој на 10 август, постапувајќи по жалба на СЈО, реши дека прислушуваните разговори се дел од доказниот материјал, бидејќи со формирањето на Специјалното јавно обвинителство аудио записите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок на Република Македонија. Одлучувајќи по жалбата на СЈО откако Основниот суд Скопје 1 ги издвои како докази прислушуваните разговори на судењето против Никола Груевски за насилството во Центар и нарачаните шамари за Андреј Жерновски, со образложение дека биле прибавени на незаконски начин, Апелација утврди дека Основниот суд Скопје 1 го прекршил Законот за кривична постапка. Во решението на Апелација, се наведува со ЗКП е регулиран начинот на прибавување на доказите, а не начинот на нивното создавање или на нивната содржина, што е и правен стандард заради запазување на јавниот интерес.

    Апелациониот суд донесе иста одлука и на 22 септември, кога ја прифати жалбата на Специјалното јавно обвинителство и одлучи дека аудио записите од прислушуваните разговори може да се користат како доказ во предметната кривична постапка во случајот „Триста“, со што беше преиначена одлуката на Основниот суд Скопје 1 Скопје со која што истиот доказ е издвоен од списите на предметот како доказ прибавен на незаконит начин.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира