Основното јавно обвинителство Кочани ја прошири истрагата и за сопственикот на објектот-магацин пренамемет во дискотека „Пулс“ во Кочани, која работејќи без лиценца на 16 март изгоре и проголта 62 млади и животи на деца, а околу 200 се повредени, од кои 25 деца. Ова лице е осомничено како соизвршител за Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
Со ова, до овој момент, Кочанското обвинителство во врска со пожарот поведе истрага против вкупно 45 физички и три правни лица. Еден од нив, по отворањето на истрагата почина како последица на повредите добиени во пожарот и за него постапката запре.
„Од дејствијата преземени во текот на досегашната постапка се обезбедија докази кои упатуваат на основано сомнение дека осомничениот, како сопственик на недвижниот имот – објект во кој со години функционирала дискотеката, го издавал под закуп на еден од претходно осомничените. Без да поднесе барање и да добие одобрение за пренамена на објектот од надлежен орган, заеднички и во договор со осомничениот неформален сопственик на правното лице, тој на различни датуми и во повеќе наврати во временскиот период од 2012 година до месец март 2025 година преземал градежни активности со кои извршил и учествувал во незаконска пренамена на објектот од намена Г3 – сервиси и сообраќајна инфраструктура во намена Б3 – големи угостителски единици и овозможил во објектот незаконски да се врши угостителска дејност дискотека/кабаре. Јавното обвинителство до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки за претпазливост“, соопшти Обвинителството.
Отааму најавија обвинение во јуни за одговорните за трагедијата од невидени размери.
С. К. ДЕЛЕВСКА