ОТКАКО ПРИЗНАА ВИНА, ПРОТОЃЕР ДОБИ УСЛОВНА КАЗНА ВО „ТИТАНИК”, МИЛЕ 4,5 ГОДИНИ ЗАТВОР, А ЈАНКУЛОСКА 2,5 ГОДИНИ, СУДИЈАТА ГИ ПРОЧИТА ПО ИМЕ СИТЕ 625 ЛУЃЕ КОИ ГИ ДОВЛЕЧКАЛЕ ОД ПУСТЕЦ

    ОТКАКО ПРИЗНАА ВИНА, ПРОТОЃЕР ДОБИ УСЛОВНА КАЗНА ВО „ТИТАНИК”, МИЛЕ 4,5 ГОДИНИ ЗАТВОР, А ЈАНКУЛОСКА 2,5 ГОДИНИ, СУДИЈАТА ГИ ПРОЧИТА ПО ИМЕ СИТЕ 625 ЛУЃЕ КОИ ГИ ДОВЛЕЧКАЛЕ ОД ПУСТЕЦОд изрекувањето на пресудата во Основниот кривичен суд. (Фото: МИА/принтскрин)

    Откако на 11 февруари признаа вина за дел од кривичните дела за кои се обвинети во најголемиот предмет на поранешното СЈО „Титаник” за манипулации во над три изборни циклуси, судијата Осман Шабани од Основниот кривичен суд Скопје денеска им изрече затворски казни на Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, додека Мартин Протоѓер доби условна казна затвор од две години, колку што доби и Билјана Бришковска-Бошковски.

    Миле Јанакиески доби најголема казна – 4,5 години затвор. Коста Митровски е казнет со тригодишна затворска казна. Гордана Јанкулоска е осудена на единствена казна од 2,5 години затвор. Мунир Пепиќ доби една година затвор. Киро Тодоровски, поранешен шеф на кабинетот на Јанкулоска, доби условна казна од две години, исто како и Катерина Веловска.

    Виновни се за злосторничко здружување формирано од Никола Груевски за изборни нерегуларности во 2011 и во 2013 година за парламентарни и локални избори.

    Судијата Шабани во судницата читаше одделно што правеле обвинетите: кражба на лични податоци на граѓани за да ги присилуваат граѓаните да гласаат, некои да не гласаат, па им се заканувале на денот на избори да не излегуваат да гласаат, други ги терале да донираат незаконски за партијата, трети краделе избирачки материјали ..

    Но, тој изненади кога долго време ги читаше увезените гласачи од Пустец и помал дел од Косово по име и презиме, сите до еден 625 лица. Злосторничкото здружение ги донело, им дале на незаконит начин лични карти, ги распоредиле во Избирачкиот список како жители на Центар, Кичево и Ресен, т.е. на места каде фалеле гласачи на ВМРО-ДПМНЕ.

    Поради пресудата од прв степен што ја доби денеска во „Титаник”, но и поради пресудата од 6 години и три месеци затвор во „Организатори на 27 април”, обвинителката Лиле Стефанова побара куќен притвор за Миле Јанакиески, поради опасност од бегство.

    Стефанова ја побара оваа мерка и поради тоа, како што рече, дека се водат постапки и по други обвиненија. Куќен, а не ефективен, бидејќи рече дека има разбирање за неговата здравствена состојба.

    Јанакиески доби куќен притвор до правосилност на пресудата. Но, времето поминато во куќен притвор, ќе му се брои како одлежени денови во крајната затворска казна, која сепак ќе ја одреди Апелациониот суд Скопје, со оглед на тоа дека одбраната на Јанакиески најави жалба на висината на денес изречената првостепена казна од 4,5 години затвор.

    Првообвинет во „Титаник“, творец и организатор на злосторничкото здружение, е избеганиот Никола Груевски, обвинет дополнително и за повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

    За останатите обвинети кои не се чувствуваат виновни, меѓу кои Никола Груевски, Илија Димовски, Кирил Божиновски и останатите, судењето продолжува на 9 март.

    Во „Титаник“ има 20-тина обвинети. Првостепено осудените кои признаа дел од вината, не го признаа делото за незаконско финансирање, каде што им се закануваат затворски казни.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира