Болниците и клиниките задолжително ќе издаваат отпусно писмо на денот на испишување на пациентот од здравствената установа, а најдоцна во рок од 24 часа. Ова е нова мерка која ја воведува Министерството за здравство заедно со Управата од за електронско здравство во националниот систем МојТермин.
„Доколку за пациентот се чека хистопатолошки наод се издава отпусно писмо со работна дијагноза, а по добивање на резултатите и отпусно писмо со конечна дијагноза“, велат од Министерство за здравство.
Во болничко работење, интерклиничкиот упат и интерболничкиот упат се спојуваат во еден тип кој се вика упат за трансфер на хоспитализиран пациент.
Управата за електронско здравство заедно со ФЗОМ во изминатиов период работеше на подготовка на правната регулатива во овој сегмент, во соработка и консултација со јавните здравствените установи и Лекарската комора на Македонија.
Од Министерството за здравство велат дека воведуваат промени во МојТермин за подобрување на здравствената евиденција, за оптимално упатување на пациентите и побрзо добивање на потребната здравствена услуга.
„Се воведуваат два нови упати, од кои првиот е Итен 24, кој ќе се издава доколку лекарот кој врши преглед утврди дека пациентот поради неговата состојба, ако е животозагрозувачка или итна состојба, е неопходно да биде прегледан од специјалист, односно супспецијалист или да му биде извршена одредена дијагностичка процедура во рок од 24 часа. Вториот тип на упат се нарекува Упат без термин и се користи во случај кога пациентот има потреба од преглед поврзан со остварување одредено право и прегледот треба да се изврши во следните 7 дена. Овој упат ќе се користи ако во установата каде што се упатува пациентот не постои слободен термин во следните 7 дена за регуларен преглед“, велат од Министерството за здравство.
Упатот без термин нема да се користи за прв преглед. Тој ќе се користи за остварување права и обврски на осигурениците од задолжително здравствено осигурување , односно за: препорака за боледување, препорака за користење хронична терапија, препорака и издавање ортопедски помагала, остварување право на биопотпомогнато оплодување (БПО) односно ин витро, остварување други права за кои е потребно мислење од специјалист, супспецијалист или конзилиум на лекари, за преглед или аплицирање терапија која поради здравствената состојба треба да се изврши во рок од 24, 48, 72 часа“, велат од Министерство за здравство.
Е. БОЧВАРОСКА