Во Советот на Град Скопје утрово е отворена книга на жалост за Есма Реџепова, која почина вчера по кусо и тешко боледување на 73 години. Граѓани се потпишуваат во книгата на жалост, а таму се одржува и комеморативна седница, додека на местото каде седеше Есма како советничка во градското собрание беше оставена бела ружа.
Погребот на кралицата на ромската музика ќе се одржи денеска во 13 часот на градските гробишта во Бутел.
Есма е носител на титулата Национален уметник на РМ од 2013, а на 30 октомври годинава во Торонто беше промовирана монографија за нејзината 55-годишна кариера. Монографијата е посветена на Есма, на нејзиниот покоен сопруг Стево Теодосиевски и ансамблот „Теодосиевски“ и на сите генерации музичари што тие ги одгледале.
Годинава Есма имаше бројни настапи меѓу кои најистакнати беа оние во Конгресната библиотека и Кенеди центарот во Вашингтон во рамките на турнејата низ САД, а на крајот на август пееше и на хуманитарниот концерт за поплавените во скопско.