Палењето автомобил нема да нѐ заплаши, велат од Женската медиумска мрежа „Еднаква“ при Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Реакцијата следи откако синоќа засега непознат сторител го запалил возилото на дописничката на САКАМДАКАЖАМ.МК од Охрид Сузана Вренцовска, во гаражата на нејзината семејна куќа.
„Женската медиумска мрежа „Еднаква“ при ССНМ најостро го осудува палењето на возилото на дописничката на САКАМДАКАЖАМ.МК, Сузана Вренцовска од Охрид и ги повикува надлежните институции да ги откријат мотивите за инцидентот и дали опожарувањето е поврзано со некој текст на Вренцовска објавен на медиумот за кој таа е професионално ангажирана. Ги повикуваме надлежните институции најбрзо што може да го пронајдат сторителот и истиот соодветно да биде санкциониран бидејќи тоа е клучно за слободата на изразување во медиумите и безбедноста на новинарките. Секој обид за заплашување на новинарките да ја не вршат својата работа е притисок врз работата на сите медиуми во државата“, се вели во реакцијата на Женската медиумска мрежа при ССНМ.
- ЗАПАЛЕНА КОЛАТА НА ДОПИСНИЧКАТА НА САКАМДАКАЖАМ.МК ОД ОХРИД
-
ЗНМ БАРА ОД МВР БРЗА ИСТРАГА ЗА ЗАПАЛЕНОТО ВОЗИЛО НА ДОПИСНИЧКАТА НА САКАМДАКАЖАМ.МК ОД ОХРИД
Во изминатиот период еснафските здруженија бележат зголемен број на закани, заплашувања, дискриминација по различни основи насочени кон новинарки.
„Токму ваквата тенденција ги поткрепува нашите барања и очекувања од институциите да ги процесираат ваквите случаи, а на новинарите/ки ги охрабруваме да ги пријавуваат случаите. Само здружени сме посилни, а искоренувањето на праксата да се замолчат и заплашат медиумските професионалци е директно подривање на слободата на изразување, појава за која нема место во нашето општество“, додаваат од „Еднаква“.
И Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) побара Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и темелна истрага за запаленото возило на новинарката Вренцовска.
„Важно е да се истакне дека ваквите инциденти, доколку немаат правна разрешница, можат да создадат чувство на несигурност помеѓу новинарите и да ја поткопаат нивната работа во служба на јавниот интерес“, соопшти ЗНМ.