Пар-непар сообраќаен режим, како мерка што ја предложи Министерството за животна средина за да се намали загадувањето на воздухот нема да се воведе сега затоа што законски не се предвидени казнени одредби.
Министерството за животна средина предлогот за воведување на овој сообраќаен режим во четвртокот го достави до Владата, со кој се бара и измена на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Наши извори од Министерството велат дека побарале законски измени, бидејќи во спротивно и да се донесе мерка за пар-непар сообраќаен режим, таа во пракса нема да може да се спроведе, оти во Законот за за безбедност на сообраќајот на патиштата не се предвидени казнени одредби. Бидејќи Собранието не заседава до избор на нова влада, тоа не може да ги изгласа овие измени, па мерката ќе остане како можност за некои идни времиња.
“За да се воведе ваков режим сообраќајната полиција ќе треба да ги казнува оние што не ја почитуват“, велат од Министерството за животна средина.
Синоќа и денеска мерните станици на Министерството за животна средина регистрираа енормно загадување на воздухот со ПМ честички. Според овие мерења најзагадено синоќа било Битола, каде во 23 часот се измерени 919 микрограми на кубен метар ПМ10 честички и во скопската општина Карпош, каде во 23 часот ноќеска се измерени 885 микрограми на кубен метар.
Високи вредности на загадување со ПМ10 честички се измерени и денес, односно во 11 часот претпладне во скопската општина Центар измерени се 467 микрограми на кубен метар ПМ10 честички, а 526 микрограми на кубен метар измерила мерната станица во скопска општина Гази Баба во седум часот наутро.
Според законските одредби максимално дозволената среднодневна концентрација на ПМ10 честички во воздухот е 50 микрограми на кубен метар.