ПАЦИЕНТ СО ТЕРМИНАЛНА СРЦЕВА СЛАБОСТ ДОБИ МЕХАНИЧКО СРЦЕ, НОВ МЕТОД НА КЛИНИКАТА ЗА КАРДИОХИРУРГИЈА ВО СКОПЈЕ

    ПАЦИЕНТ СО ТЕРМИНАЛНА СРЦЕВА СЛАБОСТ ДОБИ МЕХАНИЧКО СРЦЕ, НОВ МЕТОД НА КЛИНИКАТА ЗА КАРДИОХИРУРГИЈА ВО СКОПЈЕМеханичкото срце всушност е уред кој се вградува во постоечкото срце на пациентот, додека да се најде срце за трансплантација.-од вчерашната посета на Клиниката за кардиохирургија (Фото: Влада на РМ)

    На пациент од Скопје со терминална срцева слабост, за кого единствено решение било трансплантација на срце, вчера попладне на Клиниката за кардиохирургија му е вградено механичко срце. Ова е прв ваков зафат изведен на Клиниката за кардиохирургија, а тимот кардиохирузи го предводеше д-р Петар Ристески, кој за оваа интервенција дојде од Универзитетската Клиника во Франкфурт. Во операцијата, која траела околу дваипол часа часа учествуваа директорот на Клиниката за кардиохирургија д-р Сашко Јовев, потоа д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Марјан Шокаровски, како и останатите членови на кардиохируршкиот тим.

    Механичкото срце всушност е уред кој се вградува во постоечкото срце на пациентот, додека да се најде срце за трансплантација. Директорот на Клиниката за кардиохирургија д-р Сашко Јовев вели дека всушност механичкото срце му помага на пациентот да ја надмине срцевата слабост и да може да ги врати нормалните функции.

    „Станува збор за пациенти со срцева слабост на кои ниту медикаментозна терапија, ниту интервентна кардиологија не може да им помогне. Овој тип на уреди се користи додека да се најде соодветен донор. При тоа пациентот носи ранче со батерии со себе, а уредот служи и за лекување, односно за опоравување на работата на срцето“, вели д-р Јовев.

    Премиерот Зоран Заев кој вчеравечер заедно со министерот за здравство Венко Филипче го посети пациентот, кажа дека освен знаењето што нашите доктори ќе го добијат од германските колеги, значајно е и што Фондот за здравствено осигурување ќе направи сериозни заштеди.

    „Денес е постигнато едно значајно достигнување во кардиохирургијата, на наш сограѓанин, кој е 54 годишен и е татко на шест деца му е вградено механичко срце. Тоа е придобивка за сите граѓани дека го имаме во Македонија како можност. Ваквите операции во странство, во Германија чинат 340.000-350.000 евра, а севкупните трошоци овде не надминаа повеќе од 120.000 евра. Останува да ги охрабрам и другите лекари и директорите на клиниките да го следат ваквиот тренд“, рече Заев.

    Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека Министерството за здравство ќе продолжи да ги стимулира лекарите и клиниките да воведуваат нови методи со кои се унапредува здравствениот систем.

    „По трансплантацијата на коскената срцевина, по заживување на трансплантацијата на бубрези по долгогодишната пауза, новиот третман на пациент со исхемичниот мозочен удар, со овој нов метод кој се применува на кардиохируршката клиника, практично во нашето јавно здравство не постои метод во која било област што нашите доктори не го работат. Се надевам дека сите овие работи што ги преземаме вклучително инвестицијата во платите и во дежурствата, е нешто што ќе ги задржи нашите лекари во нашата земја и тие иднината нема да ја бараат надвор“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира