Уставниот суд од вчера нема претседател откако ѝ истече мандатот на Добрила Кацарска, а нов претседател не е избран. И покрај повлекувањето на Ана Павловска-Данева од трката за претседател на Уставниот суд, противкандидатката Тања Васиќ-Бозаџиева не го добила потребното двотретинско мнозинство, односно шест гласа, на тајното гласање на деветтемина уставни судии, по што, неофицијално, бил предложен трет кандидат, судијата Осман Кадриу.
Но, според последните вести судот, ни тој не ги добил потребните шест гласа за да застана на чело на судот. Не се знае до кога ќе трае оваа криза во Уставниот суд, но, според деловникот, предлагањето и гласањето продолжува сè додека судиите не се договорат и конечно не изберат кој ќе ги води во следните три години.
Гласањето почна во средината на претходната недела, дневно се гласаат и по неколку кругови, но очигледно нема двотретинска меѓусебна доверба кај деветтемина уставни судии за досегашните кандидати кои сами ги предлагаат.
С. К. ДЕЛЕВСКА