ПЕНДАРОВСКИ ГИ ОДЛИКУВАШЕ МИЛИЦА СТОЈАНОВА, МИЛКА ЕФТИМОВА И СТОЈНА ВАНГЕЛОВСКА СО ОРДЕН ЗА ЗАСЛУГИ

    ПЕНДАРОВСКИ ГИ ОДЛИКУВАШЕ МИЛИЦА СТОЈАНОВА, МИЛКА ЕФТИМОВА И СТОЈНА ВАНГЕЛОВСКА СО ОРДЕН ЗА ЗАСЛУГИОдликуваните на денешната церемонија кај претседателот Пендаровски. (Фото: Претседател на РСМ)

    Претседателот Стево Пендаровски им додели Орден за заслуги на Република Северна Македонија на Милица Стојанова, Милка Ефтимова и Стојна Вангеловска, додека Факултетот за драмски уметности, Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и Националната установа Турски театар го примија признанието Повелба на Република Северна Македонија.

    Актерската дива Милица Стојанова е одликувана за нејзиниот фундаментален придонес во основањето на македонскиот театар, како и за развојот и афирмацијата на македонските театар и филм.

    „Огромна благодарност. Огромна е честа што ми е укажана. Ова признание го примам во свое име, но и во име на моите колешки и колеги. Возбудата е голема“, кажа 89-годишната Стојанова.

    Милка Ефтимова е наградена за исклучителниот и траен придонес во развојот на оперското пеење и за својата педагошка активност, а олимписката вицешампионка од 1988, Стојна Вангеловска, за нејзините врвни резултати во кошарката како играч и тренер.

    „За мене, ова е чест и задоволство, но и мотив за натамошните активности. Чест е да се биде денеска овдека со овие силни и храбри жени, доајени во нивните професии. Тежок е патот кон успехот, полн е со предизвици“, изјави Вангеловска.

    „Одликувања се аргумент дека пошироката заедница поседува референтни точки врз основа на коишто може да ги гради понатаму своите развојни политики во сите витални општествени сфери“, кажа Пендаровски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира