ПЕНДАРОВСКИ НЕ ГО ПОТПИША ЗАКОНОТ ЗА ДИСЛОЦИРАЊЕ НА ОБЛОЖУВАЛНИЦИТЕ И КАЗИНАТА НА 500 МЕТРИ ОД УЧИЛИШТАТА, ВЕЛИ ДЕКА Е ЗЛОУПОТРЕБЕНО ЕВРОПСКОТО ЗНАМЕНЦЕ

    ПЕНДАРОВСКИ НЕ ГО ПОТПИША ЗАКОНОТ ЗА ДИСЛОЦИРАЊЕ НА ОБЛОЖУВАЛНИЦИТЕ И КАЗИНАТА НА 500 МЕТРИ ОД УЧИЛИШТАТА, ВЕЛИ ДЕКА Е ЗЛОУПОТРЕБЕНО ЕВРОПСКОТО ЗНАМЕНЦЕЗаконот беше донесен во скратена постапка, со европско знаменце. - Обложувалница во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Претседателот Пендаровски не го потпиша Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, соопштија денеска од неговиот кабинет.

    Станува збор за законските измени усвоени од Собранието на 7 февруари, со кои што се предвидува обложувалниците и казината да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Законот беше донесен во скратена постапка, со европско знаменце.

    Од претседателскиот кабинет велат дека одлуката за непотпишување на законот е донесена врз основа на детална анализа на текстот на Законот и на постапката во која што овој Закон е донесен, како и по спроведени консултации со Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, како наш најважен партнер во земјата во процесот на преговори.

    „Претседателот Пендаровски смета дека измените и дополнувањата на законот се донесени преку несоодветна употреба на забрзаната процедура за усогласување на нашето законодавство со правото на Европската Унија, популарно позната како ‘процедура со европско знаменце’, во ситуација на отсуство на суштинско ‘аки’ (задолжително право на ЕУ) во областите што ги опфаќа овој Закон и фактот дека Законот не наведува дури ни лимитирано ‘ЕУ аки’ што може да биде релевантно. Претседателот Пендаровски, имајќи ја предвид важноста за сеопфатно регулирање на оваа област, но и за легитимните и оправдани грижи на граѓаните во однос на можното штетно влијание на игрите на среќа и забавните игри врз младите, особено врз нивниот психолошки развој, го повикува Собранието без одложување одново да почне дебата и постапка за ова прашање, но во редовна законодавна постапка со широка и инклузивна дебата со сите засегнати страни, онака како што ѝ доликува на една зрела парламентарна демократија“, велат од претседателскиот кабинет.

    За одлуката, претседателот Пендаровски го информирал претседателот на Собранието, Јован Митрески.

    По усвојување на законот во Собранието, од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) побараа од претседателот Стево Пендаровски да не го потпише Указот за прогласување на законот и најавија дека ќе протестираат и дека ќе поднесат тужба до Уставниот суд. Според нив, со законските измени без работа ќе останат 10.000 вработени во секторот, а ќе се стимулира коцкање на црно.

    Од Движењето „Анти коцкање“ од Тетово рекоа дека се се задоволни од исходот од гласањето во Собранието со кое се донесе новиот Закон за игри на среќа. Од „Анти коцкање“ велат дека зад големиот број објекти за коцкање и зад малиот број гласови со кој е изгласан овој Закон, стојат моќни олигарси и големи бизнис интереси. Но, и покрај ова од Движењето „Анти коцкање“ велат дека ќе продолжат да се борат против секаков вид коцкање, било тоа да е физичко или онлајн.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира