Претседателот Стево Пендаровски денеска побара разрешување на Иванка Василевска, претставник во Националниот совет за евроинтеграции на Собранието на претходниот претседателски кабинет, соопштија од неговиот Кабинет. Истовремено, од Кабинетот велат дека упатиле известување до претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието Илија Димовски дека Александар Спасов, доцент од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е предложен како претставник на Кабинетот на претседателот за член во Националниот совет за евроинтеграции.
САКАМДАКАЖАМ.МК утринава објави дека професорката Иванка Василевска (претходно Додовска), членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, сè уште е претставник на Претседателот на државата во Националниот совет за евроинтеграции во Собранието. Таа за членка во ова собраниско тело беше предложена од поранешниот претседател Ѓорге Иванов во август 2017. На оваа функција беше именувана 4 месеци по организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, за кој таа кажа дека бил „најмирољубив насилен влез“.
„Ова е најмирољубивиот насилен влез од страна на граѓани во историјата“, рече Василевска во директниот пренос на ТВ Нова додека траеше нападот на Собранието. ТВ Нова, чиј сопственик беше сега осудениот бизнисмен во случај на СЈО Сеад Кочан, во меѓувреме се затвори.
Професорката Василевска од април 2018 е членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова собраниско тело ќе има седница утре, а точка на дневен ред е – Видувањата од Берлин и Париз околу долгорочната визија за Европска интеграција. Ова е четврта седница на Советот, последната се одржа на 17 јули 2018, кога се обрати еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.