ПИ-МЕРКИТЕ ЌЕ ВАЖАТ, НА ЗАЕВ ЌЕ МУ СЕ СУДИ ЗА „ПОТКУП“

    ПИ-МЕРКИТЕ ЌЕ ВАЖАТ, НА ЗАЕВ ЌЕ МУ СЕ СУДИ ЗА „ПОТКУП“Премиерот Зоран Заев со адвокатскиот тим утринава пред Основниот суд Скопје 1. (Фото: М. Златевска)

    Судијата Дарко Тодоровски го одби предлогот на одбраната на премиерот Зоран Заев, обвинет дека барал поткуп од струмички бизнисмен, да бидат отфрлени посебните истражни мерки на обвинителството како незаконски и да не важат.

    Снимките од ПИ-мерките се стекнати легално, на законски начин, одлучи советот на Основниот суд Скопје 1 на чело со Тодоровски, а во кој е и судијката Добрила Кацарска.

    Судењето за предметот „Поткуп“ конечно почна, обвинетиот Заев треба и официјално да се изјасни за вина. Тој од Обвинителството за организиран криминал и корупција е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од 163.924 евра од бизнисменот од Струмица Иван Николов за купување градежно земјиште.

    Апелациониот суд Скопје во декември, постапувајќи по жалба на одбраната, го укина решението на судијката од Основниот суд Скопје 1 Дијана Груевска Илиевска, која претходно го водеше предметот „Поткуп“ против обвинетиот Заев, да го одбие предлогот на неговите адвокати да ги издвои доказите прибавени со посебни истражни мерки. Станува збор за снимката со струмичкиот бизнисмен, која беше објавена на Јутјуб и на неколку национални телевизии. Предметот беше вратен на повторно постапување во Основниот суд Скопје 1 кај новиот судија во предметот Дарко Тодоровски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира