ПИЛОТОТ НА УРНАТАТА ЦЕСНА ПОБАРАЛ ДА СЛЕТА ВО СКОПЈЕ НАД ПРИЛЕПСКО, НО ВЕДНАШ СЕ ОТКАЖАЛ И ПРОДОЛЖИЛ ЗА СОФИЈА, ВЕЛАТ ОД КОМИТЕТОТ ШТО ЈА ИСТРАЖУВА НЕСРЕЌАТА

    ПИЛОТОТ НА УРНАТАТА ЦЕСНА ПОБАРАЛ ДА СЛЕТА ВО СКОПЈЕ НАД ПРИЛЕПСКО, НО ВЕДНАШ СЕ ОТКАЖАЛ И ПРОДОЛЖИЛ ЗА СОФИЈА, ВЕЛАТ ОД КОМИТЕТОТ ШТО ЈА ИСТРАЖУВА НЕСРЕЌАТАПретседателот на Комитетот за истрага на воздухопловните несреќи и сериозни инциденти Зоран Илиевски со двајца истражители на денешната прес-конференција во Владата. (Фото: К. Попов)

    Претседателот на Комитетот за истрага на воздухопловните несреќи и сериозни инциденти Зоран Илиевски кажа дека пилотот на урнатата цесна на Солунска глава побарал дозвола за слетување на Скопскиот аеродром над прилепско, но веднаш се откажал и продолжил за Софија. Тој додаде дека не сретнал случај во историјата некој да побарал слетување во ситуацијата кога авионот се наоѓа во опасност и да не добил дозвола, демантирајќи ги шпекулациите дека не добил одобрение да слета на Скопскиот аеродром.

    „Целта ни е дојдеме до причината, во првите 20 дена од истрагата не можеме да коментираме. Досега не сум сретнал во историјата некој да побарал слетување во ситуацијата кога авионот се наоѓа во опасност и да не добил дозвола. Веќе дадовме барање до М-НАВ за преслушување на снимката и транскриптите и тогаш ќе бидеме сигурни. Од она што го знам, пилотот над прилепско побарал дозвола, но веднаш се откажал и продолжил за Софија“, изјави Илиевски на денешната прес-конференција во Владата.

    Тој појасни дека пилотите со вакви авиони сами одлучуваат дали ќе летаат или не, одговарајќи на новинарско прашање за временските услови, и рече дека во генералната авијација, пилотот сам си го прави планот за летање.

    „Зошто од таму сакал да лета, не би можел да кажам“, рече Илиевски.

    За извлекување на остатоците од урнатиот авион кажа дека ќе причекаат времето на Солунска Глава малку да се подобри, бидејќи сега има многу снег, и дека мораат да бидат внимателни за да не се оштети некој дел од авионот

    Авион од типот Цесна П210Н се урна на Солунска Глава на 2 април во 16.15 часот на надморска височина од 2.200 метри. Во несреќата загинаа пилотот, бугарскиот државјанин Георги Бошнаков, во чија сопственост бил малиот воздухоплов, неговата сопруга и двете деца. Авионот полета еден час претходно од Охрид кон Софија.

    Илиевски рече и дека се во комуникација со бугарските колеги и тие веќе имаат одредено двајца истражители кои ќе бидат на располагање, но дополнително ќе се оцени дали има потреба од нив. Тој веќе донел одлука да се формира комисија за истрага на конкретната несреќа со надворешни експерти.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира