НЕ 50, ТУКУ 97 ИЛЕГАЛНИ ЅИДАРИ ОТКРИЛА И ПРИВЕЛА ПОЛИЦИЈАТА НА ГРАДИЛИШТЕТО НА „ЛИМАК“, ВО ОБВИНИТЕЛСТВО ЌЕ БИДАТ ПРИЈАВЕНИ И 15 ПОДИЗВЕДУВАЧИ

    НЕ 50, ТУКУ 97 ИЛЕГАЛНИ ЅИДАРИ ОТКРИЛА И ПРИВЕЛА ПОЛИЦИЈАТА НА ГРАДИЛИШТЕТО НА „ЛИМАК“, ВО ОБВИНИТЕЛСТВО ЌЕ БИДАТ ПРИЈАВЕНИ И 15 ПОДИЗВЕДУВАЧИМВР ќе поднесе пријави не само против компанијата „Лимак“, туку и против 15 фирми - подизведувачи. (Фото: К. Попов)

    Како што навлегувала во внатрешноста на градилиштето на турската фирма „Лимак“ кое се наоѓа зад трговскиот центар Рамстор, полицијата денеска откривала уште странски државјани кои на диво извршувале градежни работи, па пладневната бројка од 50 избројани илегалци, скокна на вкупно 97 такви работници.

    Тие не биле ангажирани само од „Лимак“, туку уште од 15 други фирми – подизведувачи. Називите на фирмите МВР не ги означува, само вели дека ќе бидат поднесени соодветни пријави против фирмата и против уште 15 други фирми – подизведувачи.

    Акцијата ја изведуваше полицијата од Регионалниот центар за гранични работи Север при БЈБ. Бројни полициски комбиња се упатуваа кон градилиштето на „Лимак“, растегнато меѓу булевар „Кирил и Методиј“ и улица „Јордан Мијалков“. Тие неколку часа приведуваа илегални ѕидари и ги носеа во полициска станица. Првичната официјална информација оттаму беше дека се откриени и приведени 50 градежни работници, странски државјани кои работеле подолго време на градилиштата зад Рамстор, без регулиран престој во Република Северна Македонија.

    „На објектите биле затекнати 97 странски државјани кои немаат регулиран престој и кои работат непријавени. Тие биле приведени и по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави. Исто така, соодветни пријави ќе бидат поднесени против фирмата и против 15 други фирми-подизведувачи“, велат вечерва од МВР.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира