Премиерот Христијан Мицкоски вели дека стандардот на граѓаните е во позитива бидејќи растот на платите е поголем од инфлацијата. Како што кажа, растот на платите е и до 13 отсто месечно, а инфлацијата во просек е 4 отсто.
„Ако ние имаме раст на платите од 11, 12, 13 проценти на месечно ниво, а инфлација условно кажано во просек од 4 проценти, тогаш нето имаме зголемување од 7 проценти. Каква беше состојбата пред година и пол, две: тогаш имавме просечна инфлација од 15, 18, 20 проценти и раст на платите кој што беше под нивото на инфлација, што значи дека стандардот беше во негатива, односно во минус, за разлика од сега кој е во позитива“, рече премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при презентација на оклопни возила од САД во штипската касарна „Јане Сандански“.
Тој исто така рече дека бројот на туристи што ја посетуваат Македонија е во пораст.
„Ние во првите 6 месеци имаме некаде околу 13,5 проценти раст споредено со претходните 6 месеци минатата година, а во делот на странски туристи скоро 20 проценти раст“, кажа Мицкоски.
Во однос на заштитата на Охридското Езеро и статусот во УНЕСКО, тој рече дека е формиран тим кој ќе работи на отстранување на недостатоците.