Инспекторатот за употреба на јазиците, чии вработени не зеле плата 5 месеци, ќе се стави под надлежност на Министерството за правда за да може да се исплаќа платата, соопшти премиерот Христијан Мицкоски. Во објавата на фејсбук тој вели дека ова е одлучено на денешната средба меѓу него, вицепремиерот Изет Меџити и директорот на Инспекторатот Арсим Идризи и дел од вработените, за да се обезбеди „да обезбеди институционална функционалност и правична исплата“.
„И по усогласувањето на законот за Инспекторат за употреба на јазици со Законот за организација и работа на органите на државната управа, што веќе еден месец се наоѓа во собраниска процедура, ќе им се овозможи на вработените да земаат плата. Бидејќи ова е прашање поврзано со Бадентер, очекуваме сите политички партии во Собранието да постапат рационално и конструктивно, без блокади и без обиди за политичка злоупотреба на ова прашање, кое директно ја засега егзистенцијата на семејствата на вработените во Инспекторатот“, рече Мицкоски.
Тој вели дека понатаму ќе се состави работна група и ќе се направи конечна реорганизација на инспекторат со неговите надлежности.