ПО ДВЕ ГОДИНИ ВО БЕГСТВО, ВО ГРЧЕЦ УАПСЕН ПРВООСОМНИЧЕНИОТ ВО ИСТРАГАТА „ПЛАНИНА“ ПРОТИВ МРЕЖА ДИЛЕРИ НА КОКАИН

    ПО ДВЕ ГОДИНИ ВО БЕГСТВО, ВО ГРЧЕЦ УАПСЕН ПРВООСОМНИЧЕНИОТ ВО ИСТРАГАТА „ПЛАНИНА“ ПРОТИВ МРЕЖА ДИЛЕРИ НА КОКАИНЧленовите на криминалната група продавале кокаин по цена од 4.000 до 5.000 денари за 1 грам. - Потерницата по првоосомничениот (Фото: МВР потраги/принтскрин)

    Првоосомничениот во истрагата „Планина“ вчера е уапсен во Грчец, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Станува збор за 45-годишниот Иљаз Муареми, кој по наредба на обвинителството се бараше со национална и меѓународна потерница од март 2021 година, кога во акција на полицијата и обвинителството беа уапсени 22 лица, тогаш осомничени, а сега веќе голем дел од нив осудени за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, конкретно кокаин и марихуана.

    „Истражната постапка за предметот ‘Планина’ беше отворена во март 2021 година против 28 лица, од кои и против едно дете во судир со законот над 16 години. Бидејќи се работеше за две криминални групи што се занимавале со неовластена продажба на наркотична дрога беа донесени две Наредби за спроведување на истражна постапка. Во тогаш спроведените акции на територијата на село Грчец и населбата Гази Баба беа лишени од слобода 22 лица, а петмина меѓу кои и првоосомничениот беа во бегство. Во меѓувреме, односно во септември 2021 година и во текот на 2022 година три лица од осомничените лица недостапни на органите на прогонот се лишени од слобода и истражната постапка против нив продолжи“, се вели во денешното соопштение на обвинителството.

    Оттаму додаваат дека обвинителството постигна спогодба со 14 обвинети лица за кои судот ги прифати предлог спогодбите и донесе пресуди со кои на осум лица им определи казна затвор во траење од по 3 години, на две лица во траење од по 3 години и 6 месеци, три лица се осудени на казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци и едно лице на 5 годишна затворска казна.

    Понатаму, врз основа на признание на вина на главна расправа петмина обвинети се осудени на казна затвор и тоа: 1 лице на казна затвор од 3 години и 5 месеци, две лица на казна затвор од 4 години, едно лице на казна затвор од 5 години и едно лице на казна затвор од 6 години. По поднесени жалби на санкции на две лица казните се преиначени и намалени од 6 години на 5 години и од 4 години на 3 години и 6 месеци. По одржана главна расправа донесени се пресуди за три лица од кои две во постапка пред второстепениот суд се преиначени и тоа од 4 години на 5 години затворска казна и од 3 години и 6 месеци на 6 години, додека пресудата за едно лице осудено на казна затвор во траење од 6 години е потврдена.

    За едно лице истрагата останува прекината до негово пронаоѓање, за три лица е донесена Наредба за запирање на истрага од кои за две предметот е препратен на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство – Скопје, додека на детето во судир со законот му се изречени воспитни мерки во траење од 1 до 5 години.

    „Членовите на двете организирани криминални мрежи, продавале наркотична дрога преку препродавачи во Скопје, Гостивар, Тетово, Струмица и други градови по цена која се движела во износ од 4.000 до 5.000 денари за 1 (еден) грам кокаин и во распон од 12.000 до 15.000 денари за 100 грама марихуана“, велат од обвинителството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира