Законската можност да се продолжи работниот однос по навршување на старосната граница за пензионирање ќе се ограничи и ќе важи и за јавниот и за приватниот сектор, рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, во одговор на новинарско прашање до каде се подгoтoвките на законските измени.
„Ќе биде задолжително и за јавниот и за приватниот сектор, со одредени исклучоци од овие правила каде би можело да настане проблем“, рече Манчевски.
На прашањето како тоа ќе се реализира, со оглед на недостиг од кадар во одредени области, Манчевски рече дека нема повеќе детали и упати одговорите да се бараат во Собранието, бидејќи овие измени се на предлог на група пратеници.
„Каква врска има тоа со заштита од дискриминација, одредени држави може да пропишат повисока граница за пензионирање“, рече Манчевски, како одговор на новинарско прашање дали ова се коси со принципот на недискриминација по старосна основа, доколку некој е способен за работа да придонесе во развој на општетството.
Пред неколку дена, дека се подготвуваат вакви измени открија и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и премиерот Зоран Заев. Царовска рече дека со сегашните законски прописи се овозможува кој сака да го продолжи работниот однос и по навршување на 64 или 67 години и дека тоа би важело за јавната администрација, бидејќи со години се зборува дека таа е преобемна и да се ослободи место за младите да може да се вработат. Таа рече дека тоа би важело за јавниот сектор, а дека врз приватниот не може да го ограничат бизнис секторот ако се договори со некого да му го скратат правото да го ангажира. Повеќе детали не откри, со образложение дека се подготвуваат пакет закони на предлог на група пратеници.
Премиерот Зоран Заев, пак, кажа дека пратениците имаат право да предлагаат законски измени и дека кога ќе ги добијат како влада ќе се произнесат по нив, но дека вакви решенија не може да важат за јавниот сектор, а да не важат за приватниот сектор.
Овие изјави предизвикаа силни реакции пред сè кај лекарите, во услови кога во здравството има сериозен недостиг од кадар на сите нивоа на здравствена заштита.
Претседателката на Здружението на приватни лекари (ЗПЛРМ) Лилија Чолакова-Дервишова, вели дека без консултација вакви измени не треба да се носат, бидејќи голем дел од лекарите во примарното здравство се на возраст над шеесет години и цели региони ќе останат без матични лекари.
Претседателката на Лекарската комора Калина Старделова-Гривчева, вели дека од службите во комората побарала да извадат прецизни бројки колку лекари од сите нивоа на здравствена заштита се на возраст за и пред пензионирање и како овие измени би се одразиле на функцинирањето.
„Побарав бројки и за примарна и за секундарна и за терциерна здравствена заштита и тие ќе ги предадеме на министерот за здравство, за да им укаже какви проблеми би настанале доколку се донесат вакви законски решенија. Им препорачувам и на универзитетите да го направат истото“, вели Страделова-Гривчева.
Како едно од решенијата да се премости недостигот од кадар во здравството, а за да се искористи искуството на лекарите кои се во пензија, Министерството за здравство летово направи законски измени со кои се овозможи јавните здравствени установи со договори да ангажираат дел од пензионираните доктори.
Е БОЧВАРОСКА