Претседателот Стево Пендаровски вели дека веднаш по изборите треба да се спроведе прочистување прво кај политичарите и за секој кој нема логично објаснување како со државна плата станал милионер да се отвори кривична постапка. Во редовното годишно обраќање пред пратениците во Собранието, Пендаровски кажа дека ова го предлага јавно неколку пати, поточно дека пред прочистувањето на судиите и обвинителите е потребно прочистување на политичарите.
Како што вели претседателот, со години соочуваме со отпори од повеќе страни при секој обид за суштински реформи во делот на правосудниот систем поради спрега помеѓу делови од политичката и бизнис заедница со дел од судиите и обвинителите која во изминатите децении создаде атмосфера во која развивме ендемска корупција која ја загрозува виталноста на државата.
„За жал, се стекнува впечаток дека САД и Европската Унија се поревносни борци против корупцијата кај нас од нашите институции. Меѓутоа, странските санкции не се доволни, не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем, бидејќи корупцијата, во меѓувреме, стана начин на живот за многумина или како што неодамна ја опиша еден странски амбасадор, станува збор за менталитет на луѓето кој мора да се менува“, рече Пендаровски.
Претседателот вели дека не е доволна оставка од политичарите кои немаат објаснување за стекнатиот имот.
„Сакам на следниот парламент да му го порачам она што веќе го имам јавно предложено неколку пати: веднаш по изборите да спроведеме прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, прво, кај нас ‒ политичарите. И за секого, за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следи не само оставка, туку кривична постапка“, порача претседателот Пендаровски во обраќањето пред народните пратеници.
Во врска со уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, претседателот вели дека поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза.
„Со одлагање на уставните промени, ќе пропуштиме уште една прилика која може да не чини најмалку уште една деценија надвор од интеграциите, а тоа ќе значи, помал економски прогрес, полош стандард за граѓаните и поголемо иселување. Во таа деценија сигурно нема да ги вратиме младите од Канада, Австралија и Нов Зеланд, ниту од новите дестинации на емигрантска Македонија – Емирати, Малта, Хрватска или Словенија. Поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза. Во таа смисла, обновените странски пропаганди “одлично” си ја вршат својата работа, практично без прекин, повеќе од еден век, така што нема потреба ние дополнително да копаме за да го продлабочиме јазот меѓу нас“, рече Пендаровски.
Тој додаде дека во јавниот простор, на социјалните мрежи последниве години се водат вистински војни за тоа кој е поголем патриот или предавник и рече дека е крајно време да го редефинираме патриотизмот, кој во една модерна форма, индивидуално и колективно треба да се темели на интегритетот на личноста и лојалноста кон државата.