Премиерот Христијан Мицкоски рече дека по локалните избори ќе изнајдат правни механизми за да се осигура дека обвинителите и судиите работат согласно Уставот и законите, без оглед на критиките. Оваа изјава следува по неговиот вчерашен коментар дека чувствува „мачнина“ поради високите плати на судиите и обвинителите, кои, според него, не се заслужени со оглед на ниските резултати и довербата од само 2% во јавноста.
„По локалните избори ќе ги најдеме сите правните механизми, без разлика какви и да се критиките, мора да имаме обвинители кои обвинуваат и судии кои судат според закон и Устав“, изјави денеска Мицкоски на настан во скопската општина Ѓорче Петров.
Тој вчера рече дека суштината на шесте закони кои се дел од реформите во правосудството е барањето за зголемување на буџетот за судовите на 0,8% од БДП и за обвинителствата на 0,5% од БДП, што директно би довело до уште повисоки плати за судиите и обвинителите.
Премиерот вели дека Владата не се противи на зголемување на платите на администрацијата во судовите и обвинителствата, што е дел од преговорите со синдикатите.
„Никој не е против измените на законот за обвинителска и судска служба, тоа се два закони каде што на администрацијата за вработените во судовите и обвинителствата ќе ѝ ги зголемиме платите и тоа ќе го направиме. Подготвени сме тоа да го направиме, и тука никој нема против затоа што дискрепанцата е пет спрема еден, седум спрема еден помеѓу нивните асистенти и помошници и самите обвинители“, додаде Мицкоски.