На денешната седница на Советот на општината Штип, за нов советник беше избран Владимир Бутлев од СДСМ, кој дојде на местото на Марија Костова чија советничка функција престана затоа што е неспоива со новата нејзина функција, член на Управниот одбор на ХС„ Злетовица“. Со оглед на тоа што ова беше последна седница на Советот во овој мандат, неговиот советнички мандат заврши веднаш откако даде заклетва.
Случајот на Бутлев потсетува на назначувањето на Оливер Андонов за министер за внатрешни работи на 1 септември. Нецели 24 часа по назначувањето, Андонов поднесе оставка до тогашниот премиер Емил Димитриев. Андонов беше поставен кусо на функцијата за да може неговиот претходник Митко Чавков да биде назначен за директор на Бирото за јавна безбедност. За време на неговиот мандат од неколку часа, Андонов успеа и да се слика во министерскиот кабинет за официјалната веб-страница на МВР.
Бутлев, кој е искусен и познат штипски архитект, не се наоѓа на кандидатската листа за советници на СДСМ во Штип за претстојните локални избори.
„Не е важно колку време си советник, најважно е секој совет да има квалитетни кадри, искусни, кои ги познаваат работите и проблемите од повеќе области и за сите теми да дискутираат компетентно и со аргументи“ рече Бутлев.
Т. ЈОВАНОВСКИ