Полицијата го уапсила турскиот државјанин кој избега ноќеска откако со пиштол застрела и уби државјанин на Турција во Штип, соопшти Основното јавно обвинителство Штип. Најден бил и пиштолот и во текот на денов осомничениот убиец ќе биде на распит пред обвинител. Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека се уапсени и четворица помагачи.
„На 08.05.2025 во 21.25 часот во СВР Штип е пријавено дека во угостителски објект на Градскиот плоштад во Штип било пукано со пиштол кон Е. О. (25) од Република Турција, по што сторителот побегнал со возило. Повредениот бил пренесен во Клиничка болница Штип каде што во 22.10 часот починал. По преземени мерки и активности, при што бил употребен и дрон, во близина на наплатна рампа Миладиновци, полициски службеници од слобода ги лишиле К. К. (21) од Република Турција зa кој постои сомнение дека е сторител на делото, како и А. Х. (22), Т. М. (22), О. М. (29) и А. О. (28), сите од Република Турција, поради сомнение дека му помогнале на К. К. да побегне од местото. Имено, во 22.15 часот на наплатната рампа Миладиновци, во заедничка акција на СВР Штип, СВР Скопје и сообраќајната полиција, било запрено патничко возило ‘бмв’ со штипски регистарски ознаки, во кое биле А. Х., Т. М., О. М. и А. О., при што А. Х. се дал во бегство, а другите лица биле лишени од слобода. Набргу, по преземени мерки, тој и сторителот К. К. биле пронајдени и лишени од слобода“, соопшти МВР.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип ноќеска вршел увид во кафе-барот каде се случило убиството. Уште веднаш биле идентификувани напаѓачот и жртвата, двајцата странски државјани.
„Од местото беа подигнати чаури и други траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телото на починатиот е дадено за обдукција. Обезбедени се и прегледани снимки од видеонадзор. Се преземаат и други дејствија за обезбедување докази, а увидните дејствија на локацијата ќе продолжат и денеска“, вели Обвинителството.