Обвинета во судскиот процес „ТНТ“ за одмаздничкото уривање на големиот објект „Космос“ на Фијат Цаноски, се разболе на крајот на ова судење. Завршила во болницата „Ремедика“, рече нејзината адвокатка, па судењето се одложи.
Обвинетите во судските процеси кои се при крај и кај што наскоро треба да се изречат пресуди, почнаа да се разболуваат.
Истата адвокатка Кристина Маневска, која денеска раскажа експлицитни гинеколошки проблеми на обвинетата Александра Димитриевска-Аврамовска во „ТНТ“, минатата недела викаше брза помош и го убедуваше судот дека на обвинет во „Насилство и шамари во Центар“, му се слошило. Лекарите го прегледаа, судењето продолжи.
Но, денеска разболената обвинета воопшто не дојде.
Претходно ова судење имаше неуспешен обид да се прекине од друга обвинета Елисавета Најдовска, исто така вработена во Општина Гази Баба. Таа неочекувано го смени адвокатот Димитар Дангов и на негово место најми адвокат Албанец, кој проба да го натера судот да му го преведе целиот предмет на албански јазик и да го закочи судењето најмалку 6 месеци. Но, судијата Огнен Ставрев не го дозволи тоа.
Во предметот „ТНТ“, првообвинет е избеганиот во Унгарија Никола Груевски, кој нареди да му биде уништен со експлозив објектот „Космос“ на Цаноски, затоа што во 2011 година ја прекина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Потоа Миле Јанакиески како координатор на целата акција на незаконското уривање, ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски како логистика и други обвинети од општината.
С. К. ДЕЛЕВСКА