По оставката од претседателската функција во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска се враќа на своето претходно работно место во Државниот завод за ревизија, објави „Телма“. Од институцијата за телевизијата потврдија дека таа повторно ќе ја извршува функцијата помошник на главниот државен ревизор, која ѝ беше во мирување додека раководеше со ДКСК.
Собранието ја констатираше оставката на Димитровска, по што таа веднаш доставила барање за враќање на старата позиција.
Димитровска се повлече од функцијата во Антикорупциската комисија откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.
Истрагата против неа започна во април, по анализата на телефонската комуникација на Небојша Стојановиќ, поранешен директор на ТЕЦ Неготино и обвинет во случајот „Адитив“. Според обвинението, Димитровска, преку апликациите Вибер и Ватсап, му давала на Стојановиќ доверливи податоци за поведени постапки, отворање предмети против правни и физички лица, службени белешки, како и информации за проверка на имотната состојба на обвинетиот и неговото семејство.
Дополнително, Димитровска се гони и за тоа што му ги дала логовите на нејзин колега ревизор за да полага во нејзино име за сертификат за класифицирани информации.