Вратена е спомен-плочата посветена на 10-те загинати бранители која вчера ја отстраниле засега непознати сторители. Плочата на која се испишани имињата на резервистите на АРМ кои на ова место беа убиени во конфликтот од 2001 е поставена на автопатот Тетово – Скопје во близина на Карпалак.
„Ова е веќе шеста плоча која ја ставаме па затоа треба и органите на власта да смогнат сили и да ги најдат сторителите и најстрого да ги казнат“ изјави Марин Најдов претседател на бранителските здруженија.
Новата спомен-плоча годинава беше поставена од припадниците на АРМ.
„Им порачуваме на оние кои го направија ова вандалско дело дека си играат со чувствата на родителите, на семејствата на загинатите и на сите бранители и сите граѓани на Република Македонија. Сакаме да апелираме до нив повеќе да не го прават тоа, нека си најдат некоја друга забава, или нека си водат политика на друга страна и нека не ги превртуваат коските во гробовите и да ги остават мирно да почиваат зошто овие бранители тоа и го заслужиле“, изјави Марин Најдов.
З. АНДОНОВ