По два часа разговор на висок тон во Судскиот совет, меѓу побунетите судии од Основниот суд Скопје 1 против претседателот на Судот Владимир Панчевски и комисијата оформена во Советот, по повод писмото против Панчевски што го испратија овие судии, сослушувањето на незадоволните судии заврши.
Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски беше единствениот кој даде изјава, но наа беше празна, без детали за тоа што точно се разговарало внатре со побунетите судии и какви сѐ неправилности посочиле тие пред членовите на Судскиот совет. Панчевски, пак, претходно се појавил на одвоен разговор во Судскиот совет и Караџовски рече доколку има потреба, ќе има заедничка средба на судиите кои ја потпишаа претставката и претседателот на Кривичниот суд.
Паралелно со овој распит на судиите во Судскиот совет, се води постапка во Советот за утврдување факти за разрешување на судија, кој треба да оцени дали има основ врз база на аргументите на побунетите судии, да биде поведена постапка за разрешување на Панчевски. Караџовски не сакаше да каже дали скоро два часа и на висок тон се жалеле судиите зашто Панчевски го злоупотребувал вебсајтот на Кривичниот суд за лична пресметка со судијата Иван Џолев, или го пријавиле и за други неправилности во неговото работење.
САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека судиите Седат Реџепагиќ, Васил Динковски, Александра Ристеска, Огнен Ставрев, Пајазит Пајазити, Седат Реџепагиќ, Илија Трпков и останатите потписници на писмото, кои дојдоа денеска во Судскиот совет, изнеле факти против Панчевски и за притисоците што ги вршел врз судиите и вработените во судот и за тоа дека одбрана кога е лично нападнат дава преку соопштенија на официјалната страна на Судот.
Но, извори од внатре, велат дека викањето било кога судиите посведочиле дека биле преместувани од предметите што си ги работеле, наводно ако не суделе по неговите насоки, а кои тој ги нарекува укажувања.
„Знаете ли што значи одземање на еден предмет од еден судија и давање на друг? Тоа значи проучување на предметот одново, па нови судски покани, нови известувања до странките, враќање на судските постапки на почеток. Тоа не само што е мобинг и изживување врз судиите, туку е и трошок за судот, развлекување на постапките, доцнење и оштетување на правдата“, објаснуваат дел од денешните говорници зад затворени врати во Судскиот совет.
Се зборувало и за нарушените меѓучовечки односи во најголемиот суд во Македонија, за што тие директно го обвиниле Панчевски и кажале зошто.
„Благодарни сме што дојдоа, тие судии кои не дојдоа, биле спречени од објективни причини. Дискутиравме на повеќе теми, и за состојбите во известувањето и за состојбите во Основен суд Скопје 1. Имавме конструктивен дијалог со добра намера од двете страни. Дојдовме до заклучок дека проблемите не се толку големи како што се претставувани во јавноста“, рече претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски.