Славниот професор Ѓорѓе Марјановиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први”, великанот во регионот во областа на кривичното право, еден од лидерите на демократските процеси во Македонија, редок интелект и незаборав за илјадници студенти што ги образувал, почина денеска на 83-годишна возраст.
Марјановиќ предаваше Кривично право и ќе остане запаметен по борбата за столче повеќе во преполните амфитеатри кога тој држи час. И секако, по анегдотите и загатките за студентите со кои низ оригинален стил ја предаваше правната материја.
Марјановиќ беше почесен претседател на Лигата за демократија и дисидент од времето на комунизмот.
Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1962 година, магистрирал на постдипломските студии по казнено-правни науки на Правниот факултет во Загреб во 1968 со тезата: „Правните последици на осудата”.
Докторирал на Правниот факултет во Скопје во 1973 со тезата „Правната положба на осуденикот по издржаната казна”. Сиот работен век, освен приправничкиот стаж (1962-1964) во Основниот суд-Скопје II, го поминал на Правниот факултет во Скопје, од изборот за асистент во 1965 година, до редовен професор (1985-2001).
За време на комунизмот професионално се ангажирал за слобода на уверувањето, совеста, мислата и нејзиното јавно изразување, покренувајќи го прашањето за укинување на некои тогаш мошне проблематични инкриминации.
Низ богатиот работен век професор Марјановиќ објави многу трудови и преведе светски дела. Беше и еден од најчитаните колумнисти, а по локалните избори 2005 година беше советник во Советот на град Скопје.
С. К. ДЕЛЕВСКА