ПОЧНА ДА РАБОТИ СОВЕТОТ ЗА КООРДИНАЦИЈА, КАДЕ ЌЕ СЕ ГРАДИ ЗАЕДНИЧКИ СТАВ СО КОЈ МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИЗЛЕГУВА ПРЕД НАТО

    ПОЧНА ДА РАБОТИ СОВЕТОТ ЗА КООРДИНАЦИЈА, КАДЕ ЌЕ СЕ ГРАДИ ЗАЕДНИЧКИ СТАВ СО КОЈ МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИЗЛЕГУВА ПРЕД НАТОНАТО е најуспешниот одбранбен сојуз во историјата во чии рамки повеќе од една милијарда луѓе живеат побезбедно.- Британскиот амбасадор во Скопје Метју Лосон (Фото: Влада)

    Со помош на Британската амбасада, во Владата почна да работи Советот за координација на НАТО активностите, за градење на заеднички став пред сојузниците по сите прашања кои ги покрива Алијансата, со акцент на безбедносните.

    „Целта на формирањето на Советот за координација на НАТО активности е ефикасна координација помеѓу институциите кои се дел од НАТО системот и соодветно креирање и усогласување на став на државата кој треба да биде презентиран пред институциите на НАТО. Очекувам ова тело да има политички капацитет да ги исполни и менаџира обврските од нашето членство во Алијансата“, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска.

    На првата инаугуративна седница на која присуствуваше и амбасадорот Метју Лосон, техничкиот премиер Талат Џафери кажа дека ние не сме само фактор на стабилност во регионот, туку придонесуваме рамноправно и рамо до рамо со нашите други сојузници во НАТО, моментално 31, а наскоро 32, во зачувувањето на мирот на над милијарда граѓани со кои ги делиме истите демократски определби за мир и стабилност.

    „Оваа година НАТО слави 75 години од основање на организацијата. НАТО е најуспешниот одбранбен сојуз во историјата во чии рамки повеќе од една милијарда луѓе живеат во побезбедно и посигурно опкружување. Првиот состанок на Советот за координација на активностите поврзани со членството на Северна Македонија во НАТО денес е дел од британската поддршка кон земјата, како наш силен НАТО партнер. Работиме и со други НАТО партнери за да ја обучиме баталјонската група да биде подготвена за распоредување до 2026/27. Спроведуваме и обуки за извидување и други обуки на Криволак. Ве поддржуваме во градење на капацитети за цивилно – воена соработка во МНР и во исчекување сме на проширување на оваа соработка и со други министерства”, кажа британскиот амбасадор.

    На иницијатива на МНР, советот беше формално усвоен на Владина седница во јануари 2024 година како меѓувладин механизам за координација на прашањата поврзани со националната безбедност и одбраната поврзани со НАТО.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира