ПОЧНА ПИЛОТ-ПРОЕКТОТ ЗА СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ ВО 5 РАЗЛИЧНИ КЛАСОВИ ОД 9. ОДДЕЛЕНИЕ ВО И НАДВОР ОД СКОПЈЕ

    ПОЧНА ПИЛОТ-ПРОЕКТОТ ЗА СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ ВО 5 РАЗЛИЧНИ КЛАСОВИ ОД 9. ОДДЕЛЕНИЕ ВО И НАДВОР ОД СКОПЈЕПреку сексуалното образование младите разговараат за дискриминацијата и насилството меѓу врсниците, во интернет просторот и меѓу паровите. (Фото: ХЕРА)

    Со почетокот на учебната година од 1 септември, стартуваше и пилот-програмата за предметот сеопфатно сексуално образование (ССО). Станува збор за пилот-проект на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието.

    „Пилот-програмата се спроведува од самиот почеток на учебната година во урбана и рурална средина, во Скопје и надвор од Скопје во 5 различни класови од деветто одделение“, ни изјави Мери Цветковска, проектна координаторка во ХЕРА.

    Според објавите на Фејсбук страницата на ХЕРА, преку сексуалното образование младите разговараат за дискриминацијата и насилството меѓу врсниците, во интернет просторот и меѓу паровите.

    „Како дел од евалуацијата имаме повеќе механизими и параметри преку кои ја мериме успешноста на програмата и истите се предвидени во самата методологија за евалуација.
    Во евалуацијата се вклучени 8 наставници и околку 100 ученици. Во процесот на подготовка, имплементација, опсервација и супервизија се вклучени ХЕРА, сениор едукатори, наставници, експерти од областа, психолози и Бирото за развој на образованието.
    Резултатите од евалуацијата можеме да ги имаме најмалку 3 месеци по завршувањето на програмата, откако ќе ги поминеме сите неопходни чекори од истражувачкиот процес.

    Евалуацијата треба да ни покаже дали, колку, каде и кој е подговен за програмата и всушност е еден вид почетна точка односно модел кој може да им послоужи во иднина на институциите за успешно спроведување на ССО во училиштата“, ни изјави Цветковска.

    Цветковска уште лани најави дека пилот-проектот ќе биде спроведен преку соодветен наставен план и содржина адаптиран за возраста, ќе го предаваат обучени наставници и ќе може на доброволна основа да го одберат како изборен предмет младите од 9. одделение.

    Владата во 2019 донесе одлука за воведување пилот-програма за сеопфатно сексуално образование во 9. степен на основното образование. Пилот-програмата е резултат на двегодишната работа на работната група при Министерството за образование, Бирото за развој на образованието, Министерство за труд и социјална политика, Министерството за здравство и Министерството за финансии и ХЕРА за идентификување на национални стратегии за подобрување на содржината на сексуалното образование во наставата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира