Првообвинетиот Никола Груевски дојде на денешното судење за насилствата во Општина Центар и нарачаните шамари за градоначалникот Андреј Жерновски, а покрај него на обвинителната клупа седнаа Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и уште 11-мина други, против кои Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинителен предлог на 15 септември. Поранешниот премиер Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Јанакиески и поранешната советничка во Центар и пратеничка Рангелова се обвинети како нарачатели на насилствата во Општина Центар во јули 2013 година. Уште две лица се товарат како нарачатели, а деветмина други како извршители. Застапник на обвинението е специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи.
Првото рочиште, закажано за 21 ноември не се одржа воопшто, бидејќи судијката Татјана Михајлова, која е в.д. претседател на Основен суд Скопје 1, го одложи за по изборите. Основниот суд Скопје 1 на веб страната на судот тогаш соопшти дека судењето се одлага за 16 декември, поради тоа што адвокатот на второобвинетиот Миле Јанакиески, го известил судот дека на 21 ноември бил спречен да дојде на судењето. Бил на неодложна стручна работилница.
Адвокат на ексминистерот за транспорт и врски е Никола Додевски, кој истовремено е и бранител на првообвинетиот Никола Груевски, експремиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Дента кога требаше да се одржи рочиштето почна изборната кампања, а ВМРО-ДПМНЕ, заедно со обвинетите Груевски и Јанакиески, беа на митинг во Охрид.
СЈО на 15 септември поднесе обвинителен предлог против Груевски, Јанакиески и уште три лица како нарачатели на насилствата во Општина Центар, но и за уште девет лица како извршители на нарачаните кривични дела во јули 2013 година.
По куса постапка, обвинението беше поднесено врз база на прислушуваниот телефонски разговор на први јуни, 2013 во 20.57 часот меѓу, како што рече СЈО, двајца поранешни носители на највисоки функции во извршната власт, но и врз база на 56-секунден разговор во кој е опфатен познат македонски бизнисмен, од кој произлегле цврсти докази дека насилствата биле нарачани да се спречи седницата за бришењето на ДУП-от на Мал Ринг и на други урбанистички планови, заради лукративни причини, од лични и бизнис интереси.
Според обвинението, првообвинетиот Груевски со умисла побарал, а Јанакиески прифатил преку партиски членови да извршат грубо насилство врз градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски и врз членови на Советот на општината. Во целата операција, која била инсценирана божем против уривањето на проектираната црква Свети Константин и Елена, а која воопшто не ни била ставена на дневен ред на седницата, диригирале од внатре по мобилен телефон советници на општина Центар, кои се меѓу обвинетите.
На дневен ред на таа седница биле 4 урбанистички планови – „Голем ринг, јужен дел – Запад“, „Голем ринг, јужен дел – Исток“, „Мал ринг“, „Централно градско зеленило покрај Вардар – јужен дел“, меѓу нив и тој за црквата „Св. Константин и Елена“, но во него немало измени за црквата туку таа била само потврдена. На таа седница не беа усвоени, само беа одложени, но неколку месец подоцна беа усвоени.