До Општинските изборни комисии (ОИК) за претстојните Локални избори се поднесени вкупно 312 листи на кандидати за градоначалници и 575 листи на кандидати за советници на 80 Општини и Градот Скопје, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). Во оваа бројка се вклучени листите на кандидати од политички партии и листите поднесени од група избирачи. Најголем број кандидати за градоначалници и за Совет е поднесено за Градот Скопје, вкупно 18 кандидатури за градоначалник на Скопје и 20 листи на кандидати за советници.
Согласно Роковникот за Локалните избори 2025 година, ОИК доставува барање до институциите кои ги поседуваат податоците за исполнетост на условите веднаш по приемот на листата односно најдоцна на 14 септември. Откако ќе заврши проверката за исполнетост на условите и ќе заврши процесот на отстранување на евентуални неправилности или пропусти во кандидатските листи, Општинските изборни комисии ги доставуваат потврдените листи до Државната изборна комисија за утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати, веднаш по потврдувањето на листата односно најдоцна на 20 септември.
По завршување на процесот на проверка на документацијата и исполнетоста на законските услови и потврдување од ОИК, ДИК ќе ги објави сите потврдени листи по општини кои ќе учествуваат на изборите.
Локалните избори ќе се одржат на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.