Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против поранешниот претседател на Основниот кривичен суд Владимир Панчевски за злоупотреба на службената положба и овластување за влијание врз начинот на електронската распределба на предметите што доаѓале во судот на одлучување. Од ОЈО Скопје велат дека обвинетиот Панчевски со ставање на писмен параф од негова страна и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап во АКМИС системот, давал наредба да распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, како и насока на кој судија да се распредели предметот.
„Иако бил должен да ја следи состојбата на управувањето со движењето на предметите во судот, а особено формирањето на предметите, предавањето на предметите во работа и состојбите со функционирањето на автоматизираниот информатички систем за управување со судските предмети, обвинетиот како претседател на судот влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите што доаѓале во судот на одлучување. Имено, обвинетиот со ставање на писмен ‘параф’ од негова страна и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап во АКМИС системот, давал наредба да распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, како и насока на кој судија да се распредели предметот. Со ваквите дејствија, обвинетото лице на странките во така распределените предмети потешко им го повредил правото на еднаков пристап пред судот во заштитата на нивните права и правно заснованите интереси“, се вели во соопштението на ОЈО Скопје.
- СУДСКИОТ СОВЕТ ОТВОРИ ПОСТАПКА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ВЛАДИМИР ПАНЧЕВСКИ, НЕМА ДА ЈА ЧЕКА ИСТРАГАТА ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПРОТИВ НЕГО
- ЕКСПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА КРИВИЧНИОТ СУД ВЛАДИМИР ПАНЧЕВСКИ НА РАСПИТ ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА МЕСТЕЊЕ СУДСКИ ПРЕДМЕТИ
Обвинителството утврдило дека обвинетиот Панчевски о периодот од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година со умисла извршил повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на кривичното дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, со пречекорување на границите на своето службено овластување.
„Во текот на временскиот период кој е детално истражен од страна на надлежниот обвинител, беше констатирано дека со давање на писмен ‘параф’, обвинетиот наредил распределба кај конкретни судии на четири предмети доставени од страна на Основното јавно обвинителство Скопје, на два предмети кои во судот биле доставени на натамошна надлежност од Основните судови Неготино и Куманово, на 41 предмет доставен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и на две обвиненија поднесени од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, додаваат од ОЈО Скопје.
За овој случај, Панчевски беше на распит во ОЈО Скопје на 20 септември минатата година, а како сведоци беа повикани претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски и поранешната в. д. претседателка Снежана Бајлозова.
Паралелно со истрагата на ОЈО Скопје, Судскиот совет отвори постапка за разрешување на Панчевски, кој е судија во одделот за прекршоци.