СУДСКИОТ СОВЕТ ОТВОРИ ПОСТАПКА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ВЛАДИМИР ПАНЧЕВСКИ, НЕМА ДА ЈА ЧЕКА ИСТРАГАТА ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПРОТИВ НЕГО

    СУДСКИОТ СОВЕТ ОТВОРИ ПОСТАПКА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ВЛАДИМИР ПАНЧЕВСКИ, НЕМА ДА ЈА ЧЕКА ИСТРАГАТА ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПРОТИВ НЕГОЧленовите на Судскиот совет постапката против Панчевски ја отвораат самоиницијативно, за местења на предмети кај судии и други злоупотреби со АКМИС. - Од седница на Судскиот совет (Фото: СДК.МК)

    Судскиот совет отвори постапка за разрешување на судијата и поранешен претседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски. Како што дознаваме неофицијално, бидејќи постапката е тајна, на денешната седница на Судскиот совет е формирана комисија со известител, која треба да ги преиспита сомневањата за Панчевски и да даде предлог за негово разрешување.

    Постапката членовите на Советот ја отвораат самоиницијативно, за местења на предмети кај судии подобни за него и за функционерите од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ и за други злоупотреби со системот за електронска распределба на предметите (АКМИС).

    „Иницијативата за разрешување на судијата Панчевски ја покренуваме сами, таа не е по ничија пријава однадвор. Причина се сомневањата за злоупотреби со АКМИС-от, во комбинација со честото менување на распоредот на судии од негова страна, носење на судии во Основниот суд Скопје од внатрешноста на државата при доволен број на судии во Скопска единица додека Панчевски бил нејзин претседател. Има сомневања и за доделување на предмети на рака и други неправилности од негова страна“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК член на Судскиот совет.

    На наше прашање, тој одговара дека нема да се чека исходот од двегодишната истрага во Скопското обвинителство против него за истите сомневања.

    „Тоа што го истражува Обвинителството за Панчевски е со друга цел, за кривична одговорност. Ние ги најдовме елементите за покренување постапка за разрешување на судијата, од аспект на нашата работа“, вели соговорникот.

    Седницата предмалку заврши.

    Вчера, министерката за правда Рената Дескоска на новинарски прашања зошто и покрај неколкугодишните укажувања на Европската комисија, Стејт Департментот и на експертот Рајнхард Прибе, уште нема одговорност кај судии, ги потсети Судскиот совет и Обвинителството дека сега во законите е ставено и злоупотребите со АКМИС да бидат основ за разрешување и за одговорност на судии, претседатели на судови.

    Доказите за злоупотреби со АКМИС-от во најголемиот суд, чиј претседател беше Панчевски, Обвинителството веќе ги дало на вештачење.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира