Половина охридско крајбрежје попладнево е без вода, поради дефект на главната водоводна цевка што води од хотелите Метропол до селото Пештани. Без вода се туристичките капацитети, ресторани и барови во Лагадин, Елешец и Пештани, како и околните населени места.
Екипи на комуналното претпријатие Проаква се на терен и работат на санирање на дефектот на плажата кај хотелот Макотекс во туристичката населба Лагадин. Тие велат дека работат на случајот, но не можат да прогнозираат кога ќе се нормализира водоснабдувањето поради природата на хаваријата.
На плажата затекнавме десетина работници на Проаква кои со багер се обидуваат да дојдат до цевката. Дупката постојано се полни со вода која мора да се испумпува со пумпи.