ПОЛИТИЧКАТА СТИХИЈА НИШТО НЕ Ѝ МОЖЕ НА НАРОДНОЈАЗИЧНАТА, РЕЧЕ ПРОФЕСОРОТ ПАНДЕВ НА ПРОСЛАВАТА ЗА 75 ГОДИНИ КАТЕДРА ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

    ПОЛИТИЧКАТА СТИХИЈА НИШТО НЕ Ѝ МОЖЕ НА НАРОДНОЈАЗИЧНАТА, РЕЧЕ ПРОФЕСОРОТ ПАНДЕВ НА ПРОСЛАВАТА ЗА 75 ГОДИНИ КАТЕДРА ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИКПандев говорејќи за почетоците, рече дека да се студирало македонски јазик во првите повоени години воопшто не било лесно, ниту пак едноставно, зашто се апсорвирало нешто што само што добивало свој воспоставен тек. (Фото: Принскрин од видео)

    Политичката стихија ништо не ѝ може на народнојазичната, рече професорот Димитар Пандев на денешната средба на генерации во чест на 75 години од основањето на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Годинава Македонија слави 100 години од раѓањето на кодификаторот на македонскиот јазик.

    На 16 декември 1946 се одржало првото предавање на македонски јазик на високообразовна институција. Предавањето било на македонски, но и за македонскиот јазик.

    Во обраќањето „Нашите први професори“, Пандев говорејќи за почетоците, рече дека да се студирало македонски јазик во тие први повоени години воопшто не било лесно, ниту пак едноставно, зашто се апсорвирало нешто што само што добивало свој воспоставен тек, но младите генерации ги убедувало меѓусебното разбирање на релацијата професор-студент дека ништо ново не создавале туку завршувале одамна започнато од времето на Кирил и Методиј, кои набргу стануваат и заштитно име на Универзитетот. А нивното дело, тогаш, во тоа време, наоѓа заштита во Семинарот за македонски јазик и книжевност.

    „А уште недооформена катедрата, македонскиот јазик одново се нашол на жестоки напади во превртливото време. Но, филолошката знајба што се пренесувала низ аулите на Факултетот исполнет со метафори и алегории од стари книги и дневни митови упатувала дека на нескротливата младост на македонскиот јазик поттикната со зрелоста на академската кирилометодиевистика никој ништо не ѝ може. Со други зборови, политичката стихија на народнојазичната“, рече Пандев.

    На едно од првите собранија на Сојузот на друштвата на македонски јазик и литература, рече професорот, Конески ќе стане јавно во одбрана делото на Кирил и Методиј, глаголицата.

    „Друго и можеби никогаш докрај нерасчистено прашање е: Кому во тоа време му пречела глаголицата, како што им пречел и македонскиот јазик. Но, Конески се наоѓа упатен да ја брани, како што секогаш останува доследен на принципите на општата лингвистика и на нејзините погледи за литературните јазици во современиот свет, ќе се сообразува со актуелизациите во современата лингвистика зашто нема ниту една теорија што не ја илустрирал со сопствен творечки пример или со примери од своите најблиски соработници што ќе ги вклопува во своите грандиозни дела, почнувајќи од Граматиката на македонскиот литературен јазик и сѐ така до ‘Светот на песната и легендата’. И постојано ќе креира одбранбени позиции пред сите напади на македонскиот јазик“, рече професорот Пандев, кој е и филолог и литературен критичар.

    Раководителката на Катедрата, проф. д-р Искра Пановска-Димкова, рече дека Конески и неговите современици – професори од Катедрата кои придонеле во развојот на јазикот, ги обврзуваат и натаму да ја развиваат наставно-научната дејност за идните генерации македонисти и им се поттик, како што рече, за уште посмела афирмација на македонскиот јазик на внатрешен, но и на меѓународен план.

    Во изминатите седум и пол децении на Катедрата дипломирале над 2.000 студенти, а најголем дел од нив се наставници по македонски јазик и книжевност во основните и средните училишта.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира