ПОЛИТИЧКИТЕ БЛОКАДИ НА ЗАКОНОТ СЕ НЕХУМАНИ КОН ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТИ, ВЛАДАТА ДА НАЈДЕ ИТНО РЕШЕНИЕ ЗА ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ ЗА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ, БАРА ХЕЛСИНШКИОТ КОМИТЕТ

    ПОЛИТИЧКИТЕ БЛОКАДИ НА ЗАКОНОТ СЕ НЕХУМАНИ КОН ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТИ, ВЛАДАТА ДА НАЈДЕ ИТНО РЕШЕНИЕ ЗА ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ ЗА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ, БАРА ХЕЛСИНШКИОТ КОМИТЕТИнклузијата на децата со попреченост, како најранлива група во општеството, не е меѓу приоритетите на надлежните институции, велат од Хелсиншки комитет. (Фото: Архивска фотографија)

    Хелсиншкиот комитет за човекови права ги повик Владата и Собранието да ги донесат потребните измени на Законот за средно образование, со кои ќе се регулира воведувањето образовна асистенција за учениците со попречености во средните училишта. Со оглед на тоа што учебната година е веќе започната, Комитетот апелира да се најде итно решение со кое ќе им се овозможат асистенти на сите средношколци со попреченост до донесувањето на Законот. Смета дека меѓународните документи кои се ратификувани и од нашата држава се доволна правна основа за Министерството за образовани е наука (МОН) да донесе итно решение со кое децата со попреченост ќе ја добијат неопходната асистенција за да бидат вклучени во наставниот процес.

    „Политичките калкулации, блокадите во носењето закони и неодговорноста која се граничи со нехуманост не смеат и понатаму да ја минираат инклузијата на децата во општеството“, велат од Хелсиншки комитет.

    Новиот Закон за средно образование, кој во делот на инклузијата предвидува учениците со попречености да добиваат образовни асистенти на сметка на државата, сè уште е во процедура и неколку години никако да се донесе. Од Министерството за образование ни одговорија дека Законот за средно образование кој ќе го реши проблемот е во процедура, но нема прецизен рок кога ќе биде донесен.

    Од Комитетот велат дека иако неколку општини објавиле јавни повици за ангажирање на образовни асистенти преку програма за општокорисна работа, тоа ни приближно не ги задоволува потребите, а дополнително ги става во нееднаква положба децата од различни општини.

    „Вклучувањето на децата со попреченост во образовниот систем е процес кој се запоставува, нанесувајќи огромна штета на децата и нивните родители. Иако средното образование е задолжително, и оваа учебна година започнува без образовни асистенти во средните училишта. Соодветните законски измени ниту се донесени, ниту се знае кога би се усвоиле и стапиле на сила. Но, недостигот на политичка волја за справување со овој проблем се согледува и во тоа што Министерството за образование не знае ни точен број на средношколци кои би имале потреба од образовни асистенти. Тоа укажува дека инклузијата на децата со попреченост, како најранлива група во општеството, не е меѓу приоритетите на надлежните институции“, велат од Хелсиншки комитет.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира