Полицијата синоќа во Демир Хисар извршила претрес во домот и возилото на Маја Лозановска, директорка на средното училиште „Крсте Петков Мисирков“, објави „4news“.
За време на претресот била повикана и екипа на Брза помош, која констатирала дека Лозановска, која била на боледување, има висок крвен притисок. И покрај нејзината здравствена состојба, началникот на полицијата во Демир Хисар инсистирал таа веднаш да биде однесена во полициската станица на информативен разговор, дури и ако треба на носилки.
На социјалните мрежи се појави и видеоснимка на која се гледаат полициски и медицински тим пред куќата на директорката, каде началникот изјавува дека таа мора да се појави на разговор, па ако треба и со амбулантно возило и на носилка.
Адвокатот на Лозановска вели дека поканата за информативен разговор има рок за извршување од 15 дена и не налага итно постапување.
Од Основното јавно обвинителство во Битола велат дека постапката за издавање на наредбата за претрес била целосно запазена. Тие додаваат дека извршувањето на наредбата е во надлежност на полицијата, но велат дека обвинителството не издало наредба за приведување или за итен распит на лицето. Претресот бил поради сомневање за кривично дело Фалсификување и уништување деловни книги.