Во меѓународна акција, полицијата вчера заплени 40 пакувања хемиска материја во вкупна тежина од 1.105 килограми на скопскиот аеродром, а приведени се две лица, соопштија од МВР и Јавното обвинителство. Станува збор за супстанцата 1-фенил-2-пропанол, која што се користи за производство на синтетички дроги, како амфетамини, метамфетамини и екстази. Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, требало да биде произведен амфетамин со вредност од над 50 милиони евра.
Акцијата ја спроведоа полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Единица за недозволена трговија со дрога, во соработка и координација со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Јавното обвинителство на Турција, Царинските служби на Турција и Северна Македонија, како и СЕЛЕК (Центарот за спроведување на законите во Југоисточна Европа).
Од обвинителството велат дека приведените две лица се дел од меѓународна организирана криминална група, и за нив постои основано сомнение дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори. Поради опасност од бегство, да се сокријат, како и да ги уништат трагите од кривичното дело и да влијаат врз сведоци, обвинителството до судија на претходна постапка ќе предложи да им биде одреден притвор.
Хемиската материја-прекурзор била набавена од страна на македонски државјани од лица од Кина и преку Турција пристигнала во Македонија, со крајна дестинација во земји на Европската унија, велат од МВР.