ПОЛОВИНА ОД ПРОТИВПОЖАРНИТЕ ВОЗИЛА СЕ ПОСТАРИ ОД 30 ГОДИНИ, А НАЈСТАРОТО Е ОД 1966

    ПОЛОВИНА ОД ПРОТИВПОЖАРНИТЕ ВОЗИЛА СЕ ПОСТАРИ ОД 30 ГОДИНИ, А НАЈСТАРОТО Е ОД 1966Валандовската противпожарна единица е со возила со просечна старост од 36 години, а таму е и најстарото противпожарно возило, камионот ТАМ од 1966 година. (Фото: ЦГК)

    34-те противпожарни единици во Македонија вкупно располагаат со 284 возила, од кои што половина се постари од 30 години, а најстарото е од 1966 година, покажа истражувањето и базата на податоци за бројот на пожарникари и противпожарни
    возила во земјава на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Просечната старост на противпожарните возила во земјава е 27 години и само 15 отсто од противпожарните возила се произведени во последните 10 години.

    Најстари возила, со просечна старост од 39 години, има новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане, а следна, со просечно стари возила од 38 години, е единицата во Кратово. Валандовската противпожарна единица е со возила со просечна старост од 36 години, а таму е и најстарото противпожарно возило, камионот ТАМ од 1966 година.

    Четири противпожарни возила се само една година понови, и тоа: два мерцедеси на Македонска Каменица и Битола, и по еден ТАМ и ФАП на Крива Паланка и Демир Хисар.

    Најнов возен парк имаат противпожарните единици во Велес и Штип, чии што возила се просечно стари по 12 години.

    Истражувањето на ЦГК покажа дека во земјава сè уште недостигаат 340 пожарникари, иако последниот попис на населението покажа значително помалку жители со што се намали и законски потребниот број пожарникари по жител. Помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјава, а најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје. Скопската единица има 190, а треба да има 405 пожарникари. Следни се Куманово, каде што има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот, Битола, со 21 пожарникар помалку и Тетово, кому му недостигаат 17 пожарникари.

    Во Ресен има 6 пожарникари над законски определениот број, и неколку општини кои имаат по 4 пожарникари повеќе од минимумот: Гостивар, Струга, Кичево и Делчево.

    Истовремено, ЦГК направи истражување и база на податоци за амбулантните и санитетските возила на здравствените установи во земјава.

    Според истражувањето, во земјава има вкупно 263 вакви возила во вкупно 58 здравствени установи.

    Најстарото возило – Мерцедес од 1988 година, го користи Болницата за респираторни заболувања од Отешево, а најнови се две возила набавени минатата година, едното од Клиничката болница во Штип, а другото од Здравствениот дом во Тетово.

    Просечната набавна вредност на возилата е 38 илјади евра. Најскапо купени воопшто вакви возила во земјава се двете возила подарени од Министерството за здравство на Клиниката за детски болести од Скопје во далечните 2001 и 2013 година, со набавна вредност од 105 и 135 илјади евра.

    Дури 73 отсто од сите овие возила, здравствените установи ги добиле на користење или како донација. Само околу 22 отсто од возилата, здравствените установи ги купиле со сопствени средства.

    Министерството за здравство најчесто се јавува како институција која им ги отстапува на користење возилата на здравствените установи, додека како донатори се јавуваат други земји, невладини организации или поединци.

    Споредбата со истото вакво истражување покажува дека сега има 80 вакви возила повеќе отколку во 2019 година, но само 30 од новостекнатите 80 возила се нови, односно произведени во последните три години, додека другите се повторно стари возила.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира