ПОМИНАА ТРИ НЕДЕЛИ ОТКАКО КОВАЧЕВСКИ РЕЧЕ ДЕКА ЗА НЕДЕЛА ДО ДВЕ ЌЕ СЕ НАЈДЕ РЕШЕНИЕ ЗА КОРЕКЦИЈА НА ФУНКЦИОНЕРСКИТЕ ПЛАТИ

    ПОМИНАА ТРИ НЕДЕЛИ ОТКАКО КОВАЧЕВСКИ РЕЧЕ ДЕКА ЗА НЕДЕЛА ДО ДВЕ ЌЕ СЕ НАЈДЕ РЕШЕНИЕ ЗА КОРЕКЦИЈА НА ФУНКЦИОНЕРСКИТЕ ПЛАТИПлатите на функционерите веќе седум месеци се зголемени за 78 отсто со одлука на Уставниот суд. (Фото: Влада)

    Поминаа над три недели откако премиерот Димитар Ковачевски на 18 октомври најави дека за недела до две ќе биде готов работниот материјал за законското решение со кое на „поприфатливо ниво“ ќе се коригираат функционерските плати, кои веќе седум месеци се зголемени за 78 отсто со одлука на Уставниот суд.

    Тој тогаш рече дека министрите од економските ресори ќе работат со цел да дојдат до решение да се постигне усогласување на платата на ниво што ќе биде поприфатливо, а истовремено ќе биде и одржливо.

    „Министрите работат и штом ќе завршат, сметам дека во текот на наредната недела или две, ќе можат да излезат со решение што ќе може да биде презентирано на Влада, а подоцна и да биде пратено во собраниска процедура“, изјави пред три недели Ковачевски.

    Оттогаш, единствено вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи се наврати на темата, велејќи дека ќе бидат потребни седум законски измени за да се адресираат сите 1.260 функционери.

    „Всушност, се испостави дека не може со еден закон да се адресираат сите 1.260 функционери и дека се потребни седум измени во законите зашто, на пример, измената во еден закон значи дерогирање на одредени права од друг закон што е противуставно“, кажа Битиќи на 3 ноември.

    Зголемувањето на платите за 78 отсто на над илјада функционери се случи со одлука Уставниот суд во март за укинување на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со што се одмрзнаа платите на функционерите, кои што од 2014 година беа фиксирани.

    Оттогаш, основицата е просечната плата остварена во претходната година што ја утврдува Државниот завод за статистика.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира