Министерството за транспорт и врски ја поништи постапката за доделување финансиска поддршка на авиопревозници, бидејќи во понудата на единствената пријавена компанија не бил наведен полниот назив и адреса на авиопревозникот, соопштија од министерството. Како што објави државната агенција МИА, станува збор за авиокомпанијата „Визер“.
„На јавното отворање што се одржа на ден 27.07. 2018 година во Министерството за транспорт и врски, беше доставена само една понуда. На јавното отворање, Комисијата констатирала дека доставеното барање за доделување на финансиска поддршка не е доставено согласно точка 2. 1 од Документацијата за барање, односно на трите запечатени внатрешни пликоа не е наведен полниот назив и адреса на авиопревозникот, што е еден од условите пропишани во Документацијата за барање. Врз основа на ова, Комисијата констатирала дека не постојат услови за понатамошна евалуација на пристигнатото барање за финансиска поддршка. Согласно извештајот од Комисијата, Министерството за транспорт и врски ја поништи постапката за доделување на финансиска поддршка“, соопшти Министерството за транспорт и врски.
Од министерството додаваат дека во најкраток рок повторно ќе го објави јавниот повик за доделување финансиска поддршка на авиопревозници.
Министерството за транспорт и врски го објави сега поништениот јавен повик на 28 јуни. Министерот Горан Сугарески тогаш кажа дека со програмата на Владата предвидено е од буџетот на Министерството за транспорт и врски за субвенции за нискобуџетни авиокомпании да се дадат 312,4 милиони денари или 5 милиони евра, кои ќе се исплаќаат од 2018 до 2021 година.