Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) ќе почне да се реновира и ќе функционира со намален капацитет, за што се известени сите јавни здравствени установи во земјава, соопшти Министерството за здравство.
Оттаму велат дека во завршна фаза се подготовките за реновирањето, кое се реализира за првпат.
„Дел од пациентите ќе преземат Градската општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’, Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ и Клиниката за неврохирургија, согласно изготвениот интерклинички план, во соработка со Министерството за здравство. Согласно планот, овие јавни здравствени установи ќе преземат точно утврден број пациенти, со заеднички договор со јавните здравствени установи. Оваа капитална инвестиција е од национален интерес и првпат од основањето на клинички центар се пристапува кон темелна реконструкција на КАРИЛ“, велат од Министерството.